Костадиновски: Секој е должен да го почитува Уставот, вклучувајќи го и Собранието

Од:

Во врска со најавите на ДУИ дека ќе поднесе интерпелации за целиот состав на Уставен, претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, излезе со став дека никој во државата нема повеќе права од оние што му ги дава Уставот и дека секој е должен да го почитува Уставот, вклучувајќи го и Собранието. Во однос на интерпелациите на членовите на Судски совет, Костадиновски нагласи дека уставните гаранции за независноста на Судскиот совет се многу важни гаранции.

-Кристално е јасно, на секој правник од прва година студент му е јасно дека Уставниот суд претставува четврта власт и не подлежи на начелото поделба на власт. Инструментот интерпелација во никој случај не може да биде употребен за Уставниот суд и уставните судии. Ние сме контролори на таа власт, на сите три власти – законодавната, извршната и судската. Тоа би бил распад на уставниот поредок, изјави Костадиновски

На денешниот брифинг со новинари во Уставниот суд, во врска со можноста Собранието да ги стави во постапка интерпелациите, Костадиновски додаде дека не може да предвиди дали некој ќе понесе одговорност.

-Јас само укажувам дека секој е должен да го почитува Уставот, додаде тој.

Претседателот на Уставен суд, исто така, се осврна на прашањето за интерпелациите за членовите на Судскиот совет, истакнувајќи дека правото на законодавецот да нормира е неспорно, но должност на законодавецот е да го почитува Уставот.

-Што е уставно не кажувам јас, кажува Уставниот суд. Мојот став е дека е неспорно правото на законодавецот да нормира, или кога ќе увиди некои слабости во поредокот да интервенира со законски измени и надополнувања. Но, должност на законодавецот е да го почитува Уставот и кога веќе кажав дека овие три власти подлежат на начелото поделба на власта согласно принципот на контрола и рамнотежа, нашиот устав не кажува сѐ, ниту еден устав на светот не дава одговор на сѐ. Интерпелацијата е уставна категорија, но, нашиот Устав дава гаранции на независноста на судската власт. Мое лично мислење е дека тој принцип на контрола и рамнотежа на законодавната и извршната власт во судската власт кој ужива гаранции за својата независност, се исцрпува со изборот на овие пет членови на судскиот совет, тоа не се судии, не судиски членови, тоа е мој личен став, тоа е доволна контрола во тој систем на check and balances, рече тој.

Заклучи дека, како што рече „постојат дилеми и за постапувањето на Собранието, но јас секогаш велам, не е толку тешко да се толкува Уставот, уставните гаранции за независноста на судскиот совет се многу важни гаранции“.

Би можело да ве интересира

Уставен суд ја отфрли иницијативата за пензионерите во странство кои не добија зголемување

Катерина Ѓуровски

Уставниот суд ќе одлучува за празниците во Кичево за 2025

Став од Уставниот суд во врска со најавениот протест на работниците од културата

Катерина Ѓуровски

Уставен суд поведе постапка за Колективниот договор за култура и за член од Законот за култура

Катерина Ѓуровски

Судскиот совет ја предлага Мери Дика Георгиевска за судија на Уставниот суд

ДУИ: Албанскиот јазик и правата на Албанците не се прашања што можат да се преговараат