Костадиновски: Две милјарди денари за рурален развој во буџетот за 2015

Од:

Во Предлог буџетот за 2015-та година две милјарди денари ќе бидат наменети за рурален развој на општините,најави Ване Костадиновски, заменик-министер за земјоделство шумарство и водостопанство, за време на денешната посета на Свети Николе.

– Владата на Република Македонија и во наредниот период ќе продолжи со стимулирање на руралниот развој. За наредната година тој буџет ќе биде две милјарди денари. Се надевам дека сите општини ќе аплицираат со квалитетни проекти кои ќе бидат значајни за животот на граѓаните, изјави Костадиновски.

Тој заедно со градоначалникот на Свети Николе, Зоран Тасев изврши увид во работите на патот до акумулацијата Мавровица, што се реализира со средства преку Програмата за рурален развој.

– Овој проект е во вредност од 11 милиони денари. Патот треба да им овозможи на сите што гравитират кон овој регион да може да го посетуват и да уживаат во убавините на излетничкото место Мавровица и во археолошкиот локалитет Била Зора, вели Костадиновски, кој потенцираше дека по извршениот увид утврдил дека работите со изградбата на патот се одвиваат според планираното и за кратко време овој проект целосно ќе биде завршен.
Од средствата добиени од Владата преку оваа програма, општина Свети Николе има добиено повеќе проекти, во вкупна вредност од 29 милиони денари. Освен патот до Мавровица, преку останите мерки од Програмата за рурален развој се изградени игралишта во шест села од ова општина и изградена е канализација во село Горубинци.

– Ова е уште еден доказ како успешно функционира спрегата Влада на Република Македонија со Локалната самоуправа, уште една потврда дека се прават напори да се подобри живеењето во сите домени посебно во руралните средини кои долги години беа запоставени. Јас сум среќен што ова е завршната фаза на проектите за кои Владата ни ги даде средствата. Се надевам дека нашите успешни апликации ќе се повторат, изјави Зоран Тасев, градоначалник на Свети Николе.

По вчерашната посета во Малешевскиот крај, заменик-министерот Костадиновски денеска се сретна и со сточарите од Свети Николе. Со нив разговараше за болеста „син јазик“ и штетите кои таа ги предизвика.

– Ние на наредната Владина седница ќе разговараме за штетите што ги направи оваа болест и ќе бидат донесени сет мерки за помош на сточарите“, изјави по средбата Костадиновски.

Би можело да ве интересира

Промоција на истражување на јавното мислење за евроинтеграцискиот процес

Заев: Ова е голем историски ден, обезбедивме трајна стабилност за земјата