Крушевскиот манифест и Декларацијата на АСНОМ се четива со европски вредности, достојни, и денес, и за проучување и за почитување. Воедно, сите наши Илинденци испратија и јасна порака до целиот свет дека – „Македонско име нема да загине“, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, која ја предводеше владината делегација на одбележувањето на Илинден во Смилево.
Илинден, посочи министерката Костадиновска Стојчевска, е празник над сите празници.
– Нашите храбри срца викнаа „Ура!“, а не „Уа!“, и се дигнаа против Империјата, против османлиската тиранија, но не и против своите сограѓани, не против своите соседи. Ја создадоа Првата република на Балканот со државно уредување што ѝ прилега на автономна, на сопствена Македонија. Овде, во Смилево, каде што се и колепката и гробот на нашиот национален херој Дамјан Груев, е донесена конечната одлука за востание во 1903. Записите од Смилевскиот конгрес велат дека на тоа му претходела долга и жолчна расправа. Делегатите не биле едногласни дека Македонија е подготвена и дека тоа е тоа време. Но, се подигна македонското алово знаме, се исправи македонскиот народ и го занеме аскерот, ја придоби Европа со својата храброст. Зашто ние, Македонците, никогаш и ништо не сме добиле на подарок. Нас повеќе нė радувала слободата отколку што нė плашела смртта. Илинденското востание е задушено во крв и во солзи, но Илинден е нашата победа и нашата скапо платена слобода. И денеска, под ова Сонце на слободата, велиме – Илинден е нашиот одговор на секое наше негирање, на секое посегнување по нас, на секое изживување со нас. Ние одамна си го врвиме својот пат и си ја гледаме својата работа. Го подигнавме бајракот за смрт или слобода, без двоумење застанавме под бајракот на антифашизмот. Секогаш сојузници на доброто, секогаш на страната на праведното, рече министерката Костадиновска Стојчевска.