Ставот на Владата е конзистентен, а тоа е дека за јазикот, идентитетот и културата не преговараме, што значи дека нашиот јазик е заштитен, изјави денеска во Охрид министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
-Она што јас можам да ви го кажам, не сакам да коментирам ставови на други држави. Но, сакам да го искоментирам на Република Северна Македонија, дека за јазикот, идентитетот и културата не преговараме, што значи дека нашиот јазик е заштитен. Јас бев дел од владината делегација која што присуствуваше на Првата меѓувладина конференција и ми беше особено драго што цел ден таму и на Меѓувладината конференција и на првиот дел од скрининг процесот јас присуствував и зборував на македонски јазик. Имаше преведувачи коишто не преведуваа за да можат да разберат и евроамбасадорот Гир и сите присутни внатре бидејќи бевме заедно со делегацијата од Република Албанија. Нашиот став е конзистентен, ист и тоа е дека за јазикот не преговараме, дека нашиот јазик е чист. Во преговарачката рамка нема фусноти, нема никакви додавки. Македонскиот јазик е македонски јазик којшто е кодифициран во 1945 година, рече на новинарско прашање за оспорувањето на македонскиот јазик од страна на Бугарија министерката Костадиновска Стојчевска, која присуствуваше на отворањето на почесниот конзулат на Србија во Охрид.
Таа повтори дека она што Република Бугарија ќе го даде како изјава е нешто што Бугарија треба да го објасни и воедно информира дека присуствувала на вчерашната седница на Советот за македонски јазик.
-Вчера јас имав голема чест да присуствувам на седница на Советот за македонски јазик кој што е советодавно тело, којшто преку заклучок даде насоки понатаму на Владата од кои начела Владата во текот на преговорите треба да се задржи, а тоа е тоа дека нашиот јазик е кодифициран во 1945 година и дека како и Владата и тие даваат насока да не се преговара за македонскиот јазик. Како претставник на Владата јас ги уверив дека во ниту еден момент во текот на целиот процес дури да пристигнеме до моментот на отворање на преговори никој не преговараше со македонскиот јазик, идентитет и култура. Како што кажав и на отворањето на „Охридско лето”, како што кажувам и секој ден, ако некој сака да го убеди нашиот народ дека ние не го признаваме македонскиот јазик па ние на македонски зборуваме, на македонски зборувавме и после седницата каде што мнозинството граѓани, мнозинството пратеници, дадоа поддршка на преговарачката рамка и ден денес зборуваме македонски, тоа никој никаде нам не ни го оспорува, вели Костадиновска-Стојчевска.