Обезбедени се финансии веднаш да се исплати половина од јануарската плата и здравствено осигурување во Македонски железници, но за да се префрлат средствата вработените треба да почнат со работа, информира в.д. директорот на МЖ Транспорт Игор Коруноски.
Тој денеска им го претставил решението на вработените кои протестираат две недели со целосна блокада на железничкиот сообраќај, но, како што вели, помала група не се согласила со понуденото.
– Причина за ова нелегално одбивање на работа, бидејќи немаме легално закажан штрајк, беше доцнењето на една плата, јануарската. До овој момент успеавме да обезбедиме половина од платата и тоа го понудивме на дел од вработените. Најголем дел од нив го прифатија тоа решение. Една помала група, според моја лична проценка, не се согласи со ова понудено решение и се уште немаме решение на проблемот и имаме тотална блокада на железничкиот сообраќај во државава, што е сосема спротивно на сите закони, особено на Законот за железнички систем, изјави Коруноски.
Очекува дека вработените, како што наведе, ќе размислуваат во позитивна насока и оти во текот на утрешниот ден ќе се најде решение и железничкиот сообраќај ќе почне нормално да функционира.
– Денешното решение ќе им го понудиме и утре, односно исплата на половина плата од јануарската плата и здравствено осигурување на сите вработени и од истиот момент да почнат да се прибираат средства и за вториот дел за неколку дена, за да може фирмата да почне нормално да функционира, изјави Коруноски.
Се додека не почнат вработените да работат, додаде, немаме основ за фактуририрање кон Министерството за транспорт и врски, бидејќи буџетот кој е наменет за МЖ Транспорт може да го користиме исклучиво со фактури односно за извршена работа.
– Ако продолжат вработените и понатаму да ги одбиваат работните задачи ќе се доведе во прашање и февруарската плата. Затоа апелирам до вработените да се вратат на извршување на своите работни задачи, изјави Коруноски.
Како што истакна, МЖ допрва ќе ги пресметува штетите од 14-дневниот прекин на товарниот и патнички железнички сообраќај, а огромни се штетите и на македонското стопанство.
– Нашите комитенти веќе реагираат на прекинот на сообраќајот, и се најавени тужби од нив, а во прашање е доведено и нивното функционирање, односно една од компаните може да банкротира заради нашето неработење, затоа што сто проценти од нивната работа е ориентирана преку железницата преку која го добиваат комплетниот дел од суровини, рече Коруноски.
Вработените засега остануваат на ставот дека нема да се вратат на работа се додека не ја добијат јануарската плата во целост. – Засега одлуката е таква. Вработените сами ќе донесат одлука за евентуално прифаќање или не на понуденото во текот на утрешниот ден, изјави претставникот на иницијативниот одбор за протестот Ѓоко Илиески.