Денеска продолжија градежните активности на Водно, откако претходно беа запрени со привремена одлука поради нерегуларности поврзани со обележување на теренот каде се копа, но и поради дозволите кои АД Македонски енергетски ресурси (МЕР) требаше да ги обезбеди.
Планинар кој случајно минувал низ парк-шумата „Водно“ ги известил активистите од иницијативата „Го сакам Водно“ и кажал дека се ископани околу 500 метри. Оттаму истакнуваат дека се особено револтирани поради одлуката да се продолжи со копање, посебно за време на празник.
Забелешките, кои претходно се дадени до надлежните институции се уште не се отстранети, тврдат од иницијативата, бидејќи, просторот каде се вршат градежни работи се уште не е обележан.
„Од последната дебата не се донесе заклучок. Но, остана еден момент, дека треба МЕР да си ги извади потребните дозволи. За продолжување на копањето никогаш не беше договорено ништо. Ниту, Макрадули, ниту Шилегов потврди такво нешто. Тоа лебдеше. Беше кажано дека додека не се среди цела документација и не се направи ревизија на трасата, до тогаш нема да се продолжи со активности. Но, ништо не сменето. Нема табли, нема ознаки, се е како што било претходно“, вели активистиката Мира Беќар.
Од иницијативата велат дека немало официјална дата за отпочнување на градежните работи, но клучно било отстранување на сите недостатоци.
Денес била исконтактирана и советничката од Град Скопје, Билјана Секуловска-Габер, која немала информации дека продолжува ископот на Водно за спроведување на проектот за гасовод. Од Град Скопје, нема одговор за тоа кој дозовлил да продолжат градежните работи на Водно. Сеуште е непознато и дали МЕР добиле дозвола за сеча, која претходно, како што тврдеа од инцијативата, не ја поседувале.
Кристијан Ландов