Четвртата по ред светска конференција за религиски и меѓуцивилизациски дијалог ќе се одржи од 3 до 5 ноември во Битола во рамки на Глобалната агенда на Обединетите нации и УНЕСКО за дијалог меѓу цивилизациите и Декадата на УНЕСКО за помирување на културите. Ќе учествуваат повеќе од 150 претставници од сите светски религии, невладини организации, професори и експерти од целиот свет.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска, која рече дека централна тема на конференцијата годинава е „Миграцијата и предизвикот на интеграцијата преку дијалог помеѓу религиите и културите“, а поттеми се „Семејството – извор и простор за градење и чување на достоинството на човекот и место за раст во верата“ и „Употребата и злоупотребата на современите начини за електронска комуникација и на социјалните мрежи (религиски поглед)“.
Конференцијата за религиски и меѓуцивилизациски дијалог ќе биде отворена на 3 ноември со обраќања на претседавачот Валентина Божиновска, директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, а учесниците ќе ги поздрави и претседателот Ѓорге Иванов.
Министерката нагласи дека во рамки на конференцијата ќе се одржи Форумот на Катедрите на УНЕСКО од Југоисточна Европа насловен „Погледите на Катедрите на УНЕСКО од ЈИЕ кон миграциите, бегалските кризи и тероризмот како предизвици за интеркултурниот и меѓурелигискиот дијалог”.
– Со посебни активности, беседа на г. Петар, митрополит Преспанско-пелагониски и администратор Австралиски и новозеландски, ќе биде одбележан и јубилејот „1100 години од упокојувањето на сесловенскиот просветител Св. Климент Охридски“, а ќе биде отворена и изложбата „Мајка Тереза – светица од Скопје, светица на светот“, која беше претставена и во Рим, по повод одбележувањето на канонизацијата на Мајка Тереза, рече Канческа – Милевска.
Укажа на една, како што рече, значајна активност, а тоа е промоцијата на публикацијата од Третата светска верска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог која се одржа во Скопје, во 2013 година, која ќе им биде подарена на гостите, а во која се содржани обраќањата на еминетните светски верски лидери, државници и професори, кои партиципираа на оваа конференција.
Конференцијата завршува со избор на Меѓународен организациски комитет за Петтата светска конференција и со заедничкото усвојување на Нацрт-декларација. Учесниците на конференцијата, истакна министерката, ќе имаат можност да се запознаат и со сите културно-историски споменици кои се наоѓаат во битолскиот регион, како што се археолошкиот локалитет Хераклеја, Еврејските гробишта, старото јадро на градот, Градскиот часовник, црквата „Свети Димитрија“, Јени Џамија, Исаак Џамија, Безистенот, Католичката црква и сите други значајни места преку кои се отсликуваат нашите длабоки историски и мултикултурни корени.