Се додека луѓето се преокупирани со тоа како да преживеат, немаат време да размислуваат за слобода, рече професорот Ненад Марковиќ во своето предавање на првата Регионална конференција на „Студенти за слобода“ во Македонија која што се одржа вчера на Техничкиот факултет во Битола.
Тој потенцираше дека во Македонија и на Балканот преовладува колективистичка политичка култура, што не е плодна почва за слободата во политичка смисла, бидејќи либерализмот почива на индивидуализмот.
За непопуларноста и за тешкотијата за развој на либерализмот и капитализмот во Македонија, тој како главен виновник ја посочи лошата приватизација и имплементирањето на, како што кажа, „турбо фолк капитализам“, поради кој граѓаните имаат генерално негативно мислење за тој систем.
– Не може да имаме капитализам без легитимни капиталисти. Стекнувањето на капиталот треба да се врши на морален и легитимен начин, рече Марковиќ.
На истата тема говореше и деканот на Правниот факултет при УКЛО, Горан Илиќ, кој напомена дека за постоење на либерализам потребна е граница помеѓу државата и индивидуата, како и владеење на правото.
Тој истакна дека потребно е развивање на свеста кај младите луѓе за да се развива креативноста, претприемништвото и индивидуализмот кај младите, кои често се заведени од политички партии кои промовираат колективистички идеи.
И двајцата предавачи се согласија дека во Македонија нема политичар кој може да биде земен како пример за идните генерации како некој што промовирал слобода и капитализам.
Брајан О’Шеа од Страјкер Пирс зборуваше за секојдневното соочување на граѓаните со шпионажата и корпоративното разузнавање. Тој на присутните им објасни за начините на кои што разузнавачите ги откриваат работите за нив и наведе неколку трикови за заштита.
Адвокатот Јанаки Митровски и програмскиот директор на Европски студенти за слобода, Александар Кокотовиќ зборуваа за легализацијата на канабисот и нивните иницијативи за тоа во Македонија и Србија.
Митровски објасни за македонските закони и примерите на декриминализација и легализација на канабис во светот, а Кокотовиќ говореше за почетокот на прохибицијата против канабисот и првите движења во светот за легализација.
Новинарката Љубица А. Манговска и фриленс новинарот од Брисел, Бил Вирц говореа за предизвиците на медиумите и начините на промоција на слободата преку пишување.
Ова беше прва Регионална конференција на „Студенти за слобода“ во Македонија на која што учество зедоа повеќе од 100 студенти од земјава и регионот.