Академијата за судии и јавни обвинители со поддршка на Амбасадата на САД и Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (ИНЛ) денеска и утре организираат конференција „Искуствата на САД со казнената реформа и придобивки за Република Македонија“.
Конференцијата ја отвори американскиот амбасадор во Македонија, Пол Волерс кој изрази надеж дека долгогодишните американски искуства од оваа област ќе бидат корисни за Македонија.
– Евроатланската интеграција е клучниот приоритет во надворешната политика на оваа Влада. Сакаме да помогнеме во тие напори. Подобрувањата на полето на владеењето на правото претставуваат клучен дел од тие напори. Сметаме дека унапредувањето на реформите и насоките на казнената политика се важен дел од овие процеси, потенцира Волерс.
Претседателката на Врховниот суд Лидија Неделкова и јавниот обвинител Марко Зврлевски истакнаа дека новиот Закон за кривична постапка вовел нови институти, меѓу кои најважен е институтот спогодување меѓу јавниот обвинител и обвинетиот, заедно сo неговиот бранител.
Неделкова образложи дека од воведувањето на новите институти, произлегла потреба за донесување на Правилникот кој, како што рече, ги надминува границите и прераснува во услов без кој не се може да се спроведе оваа нова акузаторна постапка.
– Ова подразбира дека без донесување и постоење на ваков Правилник, новиот систем и модел што го регулира реформираното процесно и материјално право во праксата не ќе може непречено да функционира, рече Неделковска.
Јавниот обвинител истакна дека во Македонија се донесоа неколку измени во Кривичниот законик и убеден е дека Правилникот е историска шанса оти првпат во Македонија ќе има правила.
– Правилникот ќе се применува и ќе значи револуција во Македонија. Ќе се надградува и подобрува во иднина, рече Зврлевски.
Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска потенцира дека овие два дена кривичната стручна јавност ќе има можност да ги чуе искуствата на практичарите од американското кривично правосудство, судии, обвинители и адвокати.
На конференцијата присуствува и судијата Рикардо Хинохоса, претседател на Федералниот суд на Тексас и член на Комисијата за одредување на казни, која ги усвојува правилата и водичите за одмерување на казните.
– Оваа Комисија е постојано тело на судската власт на САД, основана во 1984 година. Нејзиното основање било поради потребите за воедначување на казнената политика, намалување на диспаритетот на изречените санкции и обезбедување на правна сигурност на граѓаните, рече Арнаудовска.