Конференција „Интеграцијата на Македонија во НАТО и новите безбедносни предизвици“

Од:

Земјата која има образована младина, има и светла иднина, иднина во која ќе владее мир, стабилност и просперитет, е пораката што денеска ја упати министерот за одбрана Фатмир Бесими на студентската конференција насловена „Интеграцијата на Република Македонија во НАТО и новите безбедносни предизвици“ што се одржа во Домот на АРМ во Скопје.

Исклучително важно е, истакна Бесими, на оваа тема да се дискутира со младината, со студентите, со иднината на Република Македонија, затоа што, подвлече, земјава припаѓа во евроатлантската заедница, а нејзините граѓаните сакаат мир во земјава и во светот.

– Тоа можеме да го постигнеме со високи стандарди и со меѓусебно почитување и со почитување на различностите, кои треба да бидат наша предност. Да бидеме не само дел од светскиот мир, туку  и тие што придонесуваат за тој мир, истакна министерот Бесими на конференијцата, која се одржа под покровителство на Министерството за одбрана, во соработка со Воената академија, факултетот за безбедност, Филозофскиот факултет и Евроатлантскиот совет на Македонија.

Тој нагласи дека на сите негови средби и состаноци со претставници од НАТО и на земјите – партнери на Република Македонија, се даваат највисоките оценки и пофални зборови за придонесот на Македонија за мирот во светот.

– Тоа е она што го отсликува нашиот имиџ, сликата за Република Македонија и за нејзините граѓани. Но, тоа е вашиот епитет како идна генерација, како наследство што ќе го имате од генерацијата на политичарите кои сега ја водат земјата, рече министерот Бесими.

Инаку, целта на конференцијата е да се поттикнат младите да истражуваат, да дебатираат и да понудат свежи идеи на теми поврзани со динамиката и процесот на интегрирање на Македонија во НАТО, како и можностите за придонес на земјава до и по зачленувањето во Алијансата.

Амбасадорката на Кралството Холандија Мариет Шурман упати порака дека младите луѓе денес, се лидерите на утрешнината, младите генерации не се оптоварени со минатото и со предрасуди и тие треба да гледаат низ, како што истакна, нова призма за да се видат новите перспективи за подобра иднина.

Таа информира дека улогата на Холандија како НАТО контакт амбасада за Република Македонија, во изминатите четири години, од јануари 2013 година ќе ја преземе Турција.

– За Македонија е многу лесна задача да се биде поддржувач и контакт амбасада затоа што не постои земја во која што има толку голема доверба во НАТО. Македонија тргна напред, а и целиот свет брзо се менува, рече амбасадорката Шурман и во таа насока, констатира дека денешната тема е добро избрана.

Според Александар Александров, шеф на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје оваа конференција во практична форма дава можност за акумулирање на знаење, развивање вештини и формирање на навики. Тој смета дека најважно во денешната работа на младите, но и во иднина кога ќе бидат дел од државната елита, како што подвлече,  е да го следат правилото оти само со потрага по компромиси и искрена желба за постигнување баланс на интересите, може да се постигнат реални одлуки.

Росе Смилевски, декан на Воената академија нагласи дека ова е прва ваква конференција и потсети дека во декември пред четири години Владата донесе одлука за повторно отворање на Воената академија.

За Снежана Никодиновска-Стефановска декан на Факултетот за безбедност ваквите конференции ја доближуваат евроатлантската идеја до студентите и меѓу другото даваат можност да се разговара за тоа зошто НАТО, што е НАТО и кои се неговите цели и уште повеќе кои се придобивките и обврските од членството.

Во рамки на конференцијата беше изведена симулација на функционирање на клучните тела на НАТО, односно на средба на министри за одбрана на земјите – членки на НАТО и земјите од групата А – 5, на која се разговараше за операцијата на Алијансата во Авганистан и можните варијации на мисијата по 2014 година.

На конференцијата беа прогласени најдобрите есеи на тема „Интеграцијата на Република Македонија во НАТО и новите безбедносни предизвици“.

Би можело да ве интересира

Алаудинов: Ќе го уништиме НАТО до 2030 година

НАТО соопшти дека не ги гледа условите за поканување на Киев во Алијансата

НАТО: Украина да обезбеди војници, ние испраќаме само средства

Горан Наумовски

Нордиските и балтичките земји ја поддржуваат улогата на НАТО во поддршката на Украина

Русија: Немаме намера да влегуваме во конфликт со НАТО

Четири години од членството во НАТО – Земјава не е само фактор на стабилизација на регионот, туку и поттик за државите во соседството