ЈП „Комуналец“ Гостивар реагира на информациите изнесени во јавноста во врска со проектот „Водоснабдување на Гостивар II – SECO II“, посочувајќи дека оценките оти проектот целосно пропаднал не се засновани без целосен увид во проектната документација, договорите и изведените работи.
Од претпријатието велат дека јавната проверка на проектот е оправдана, особено по проблемите со водоснабдувањето во Гостивар, но дека за точна слика е потребно да се утврди што е реализирано, што останува да се заврши и кој е надлежен за преостанатите активности.
Проектот, како што наведуваат од „Комуналец“, бил финансиран со поддршка од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (SECO) и Германската развојна банка (KfW). Градежните и техничките активности ги реализирале ангажирани изведувачи, а не јавното претпријатие, согласно одобрена проектна документација и со стручен надзор.
Според информациите со кои располага „Комуналец“, околу 98 проценти од предвидените работи се завршени и тестирани, а за изведените активности постојат технички записи, извештаи и видеодокументација.
Од претпријатието посочуваат дека за целосно ставање во функција на системот останува да се завршат работи на околу 600 метри од трасата. За овој дел, според нив, е потребна согласност од Јавното претпријатие за државни патишта, која била побарана пред околу две години, но сè уште не е издадена.
„Без ова одобрение не постои законска можност да се продолжи со изведбата на тој дел од трасата“, наведуваат од ЈП „Комуналец“.
Оттаму додаваат дека треба да се направи разлика меѓу реализацијата на проектот и административните пречки кои го одложуваат неговото завршно поврзување.
Претпријатието информира дека е подготвено на сите надлежни институции, ревизорски тела и истражни органи да им ја достави целокупната документација со која располага, доколку има сомнежи за пропусти или неправилности.
„Најважно е јавната дебата да се води врз основа на документирани факти, а институциите да се насочат кон отстранување на преостанатите пречки и целосно ставање на системот во функција“, велат од ЈП „Комуналец“ Гостивар.
