Претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски, кажа дека епидемиолошката состојба се уште не е катастрофална, но е неповолна. Тој вели дека новите мерки не се донесени порано поради тоа што се чекало податоци од цела недела. Караџовски објасни дека коронавирусот е распространет низ цела држава, а здравствениот кадар е веќе преморен.
„Овие мерки се сега бидејќи овој вирус не е истиот од ноември, а кумулативниот број на болни и хоспитализирани не се исти. Ако тогаш кажувавме дека имаме од 800-1000 случаи може да изменаџираме, сега не е така. Се случува бум од позитивни. Има од 1200-1300 заболени. Се насобраа огромен број на случаи, бидејќи во краток временски период од две-три недели се наполнија болниците. Сигурна е епидемиолошката состојба кога нема ширење на вирусот, второто е катастрофална и неповолна. Имаме на територија на целата држава распространето ширење. Бидејќи ја менаџираме се уште, не би ја оценил катастрофална, бидејќи имаме уште здравствени капацитети. Нас ни е здравствениот кадар проблем во моментов. Ниеден пациент не е без медицинска нега. Здравствените работници се функционални се уште и преморени, но не знаеме до кога ќе бидат функционални. На прашањето зошто сега мерки, а не минатата недела – не ги донесуваме ад-хок одлуките од денес за утре. Се прави на неделно и двонеделна анализа. Ја покриваме состојбата на недела или две. На ниво на недела сме имале зголемување на 26 проценти“, кажа Кaраџовски.
Во пет градови, според Караџовски, состојбата е критична.
„Најголем проблем е Битола, Куманово, Тетово, Скопје. Пет градови се критични, ем заради инфраструктурата и немање на инфраструктура за сместување на пациенти. Епидемиолошки, состојбата е несигурна. Ова е за да се растеретат здравствените работници, да им дадеме капка одмор. Да можат да влезат во шема кога ќе заврши овој период. Да овозможиме обезбедување нови капацитети. Немој да мислите дека по 14 ден, нема да постои ковид. Ние во моментов го спречуваме бројот на заразени кој минатата година за време на Велигден и Бајрам ни се одрази“, додаде Караџовски.