Промени во Законот за домување за негова подобра примена, со зголемена функционалност на Регулаторната комисија за домување и со ангажман на поголем број инспектори, ќе иницираат членовите на собраниската Комисија за транспорт и врски.
Забелешки за состојбите со домувањето упатија дел од членовите на матичната собраниска Комисија на денешната расправа за Извештајот за работењето на Регулаторната комисија за домување од 1 јули до 31 декември 2017 година.
– Има општини кои се уште немаат назначено инспектори за домување, а со тоа се отежнува работата на лиценцираните управители, како и функционирањето на регистрираните заедници на сопственици, стои во Извештајот што го презентираше Башким Халили, член на Регулаторната комисија за домување.
Во втората половина од минатата година регулаторот поднел 32 предлог мерки до општински инспектори за домување за да извршат инспекциски надзор, врз основа на 139 барања за посредување во спорови помеѓу управители, претседатели на заедници и сопственици на посебни делови.
Граѓаните најмногу се жалат на нерегуларности поради одбивање на управителите да ги префрлат парите од резервниот фонд на новиот управител или на новата заедница на станари, како и за предавање на целокупната документација, а голем дел од предметите се однесуваат на нефункционирање на општинските инспектори за домување во општините
Претседателот на Комисијата за транспорт и врски и пратеник од СДСМ Диме Велковски оцени дека законот е многу нејасен и посочи дека се потребни промени за да може регулаторот попрефесионално да си ја врши работата. Мора, смета Велковски, да се направат напори да се спроведе попис на зградите во Македонија за да може системски да се врши работата. Како што рече, само осумте лица ангажирани во регулаторната комисија не може да го спроведат законот, каде не пишува прецизно дека општината мора да има општински инспектори.
– Имате наведено дека посредувате на некој начин во стотина предмети, но кога ќе се поплави некој стан луѓето не знаат дали тој над него или тој до него е крив и никој не се обештетува, рече Велковски.
Регулаторната комисија за домување минатата година располагала со буџет од 10.137.000 денари, од кои 5.500.000 денари за основни плати, а 1.325.000 за договорни услуги по основ на користење станови.
Моментно на пазарот на домување се активни 46 правни лица, а според податоците на Регулаторната комисија за домување, се зголемува бројот на ангажирање управители, а се намалува на заедниците на сопственици на посебни делови. Лани се издадени се две лиценци за управител за вршење на дејностите на управување со станбени згради, една лиценца е продолжена, а едно правно лице известило дека фирмата е во ликвидација поради смрт на управителот. Не е одземена ниту една лиценца, за разлика од претходниот период кога без лиценци останаа 11 правни лица.
Регулаторната комисија за домување минатата година располагала со буџет од 10.137.000 денари, од кои 5.500.000 денари за основни плати, а 1.325.000 за договорни услуги по основ на користење станови.