Комисија за заштита од дискриминација: Владата неоправдано предвидува 10.000 денари повисока плата за вработени во секретаријати и министерства

Од:

Неоправдано е административците вработени во министерства и секретаријати да имаат за 10.000 денари повисока плата од останатите административци вработени до институциите, заклучи Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Комисијата бара од Владата и од Министерството за информатичко општество повлекување на одредбата од предлог – Законот за административни службеници оти е дискриминирачка и се прави голема разлика во платите за вработени кои работат иста работа и исполнуваат исти услови за вработување како и останатите административци.

„Постојат категории од Б до Г кои ги уредува овој закон и тука разликата е 200 бода со кои се ставаат во поволна положба за оние кои се вработени во министерствата и секретаријатите. Оваа разлика од 200 бода во бруто износ е 16.000 денари или 10.000 денари во нето износ. Комисијата смета дека ваквото правење разлика не претставува легитимна цел или поделба ако се има предвид дека сите административни службеници работат иста работа, имаат работа од еднаква вредност, а се прави голема разлика во платите“, рече Исмаил Камбери, претседател на Комисијата.

Доколку оваа одредба за разлика во платите не биде повлечена од Комсијата предупредуваат дека може да предизвика дискриминација на сите граѓани.

„Ако ваквата одредба остане во законот Комисијата смета дека би се направиле системски проблеми во работењето на цела држава. Вработените кои би земале помала плата би изгубиле мотивација за работа, би се изгубила ефективноста и ефикасноста на работењето на институциите, а во иднина и на долг рок може да биде основ за креирање структурна дискриминација која може да предизвика директна дискриминација кон сите граѓани кои ги користат сервисите на овие институции“, вели Камбери.

Комисијата препорачува воедначен пристап при одредување на платите за вработените администрација, а од Владата зависи дали во предлог-законот ќе ги скрати привилегиите од 10.000 денари за вработените во министерства и секретаријати или пак ќе ги зголеми на останатите.

Предлог – законот за административни службеници беше објавен на ЕНЕР во октомври годинава. Од Комисијата известија дека стручното мислење е веќе испратено до Владата и до Министерството и најавија дека ќе го следат процесот.

 

Би можело да ве интересира

Комисијата за спречување корупција со засилен мониторинг на вознемирувачкиот говор за време на претстојните избори

Не е дискриминација, но е нееднаков третман на граѓаните кои платиле возачки дозволи утврди Комисијата за заштита од дискриминација

Катерина Ѓуровски

Комисијата за заштита од дискриминација ќе поднесе тужба против МОН за недостатокот на учебници

До Комисијата за спречување и заштита од дискриминација лани поденесени 248 претставки

Комисијата за заштита и спречување дискриминација можно уште денеска да ја разгледа наводната согласност на Владата кон „Бехтел и Енка“ за поголема работна недела

Ана Ололовска

Комисијата за заштита од дискриминација со препорака за Акциски план за унапредување на правата на осуденичките

Ана Ололовска