Комеморација по повод 74 години од холокаустот на македонските Евреи

Од:

Континуитетот на еврејското опстојување на македонските простори е со долг век. Евреите ја делат судбината на македонскиот народ во секојдневието и со своите сограѓани скопјани и на многу крстопати низ историјата. Години наназад еврејските семејства што живеат во Скопје продолжуваат да ја споделуваат сегашноста, како што досега правеле нашите предци – секогаш заедно во секаков вид кризи, несреќи и елементарни непогоди.

Ова го истакна претседателката на Еврејската заедница во Република Македонија Берта Романо Николиќ на денешната комеморација по повод 74 години од холокаустот на 7.144 македонски Евреи, депортирани и убиени во логорот Треблинка.

Во рамки на комеморативната програма, владина делегација и претставници на Еврејската заедница положија цвеќе пред споменикот во дворот на Тутунскиот комбинат – Скопје, поранешен Монопол каде Евреите биле собирани, затворени и депортирани во логорот на смртта со товарни вагони. Цвеќе беше положено и пред споменикот на депортираните Евреи, како и пред споменикот на паднатите борци во НОБ на Градските гробишта Бутел, додека членови од еврејската заедница беа примени и од градоначалникот на Скопје Коце Трајановски.

Присутните ги поздрави и амбасадорот на Израел Дан Орјан, нагласувајќи дека се уште постои потреба од раскажување вакви трагични настани . – За настаните што се одржаа вчера во Битола, еден израелскиот новинар напишал дека на 41-годишна возраст првпат слушнал за холокаустот на Евреите во Македонија, посочи Орјан.

Во Салата на Советот на Град Скопје, денеска 10 март беше одржана комеморативна седница по повод 74 година од холокаустот врз македонските Евреи и депортацијата во логорот на смртта Треблинкa.

Градоначалникот Трајановски, пак, кој организира прием по повод 11 март 1943 година, кога е извршена депортацијатата на македонските Евреи, напомена дека вековната историја на еврејскиот народ памети и бележи големи победи и светли подеми, но за жал, и големи трагедии и темни сеништа кои оставиле неизбришливи траги во меморијата на човештвото.

– И денес, по толку изминати години, се сеќаваме на еден од најгрозоморните настани длабоко врежани во светската меморија – прогонствата и убиствата на Евреите за кои човештвото сe уште докрај не го најде одговорот, од каде поривот да се уништи цел еден народ. И денес, кога се навршуваат 74 години од депортацијата на еврејското население, скопјани не можат да ги заборават своите вредни соседи – еснафи, сеќавајќи се со носталгија на Еврејското маало, на добрите и пријателски соседски односи и на долгогодишниот заеднички живот кој го граделе и негувале, рече Трајановски.

Денеска им одаваме почит, додаде, не само на жртвите припадници на Еврејската заедница од Скопје и Македонија, туку и на сите други Евреи од Европа и светот кои ги загубија своите животи во Втората светска војна.

– Токму затоа во Скопје се отвори Меморијален центар на холокаустот, четврта институција од ваков вид во светот. Со тоа нашиот град се впиша во картата на градови што се приклучуваат во одбележувањето на една од најголемите трагедии на човештвото. Сите заедно, исправени пред предизвикот да бидеме похумани и никогаш да не дозволиме на нашите поколенија да им се вратат сеништата од минатото, градејќи ја денешнината, мора да се стремиме кон подобро утре, кон заедничка просперитетна иднина за сите граѓани на нашава држава и на ова наше Скопје, истакна градоначалникот Трајановски.

Програмата во сеќавање на македонските Евреи, која опфати повеќе активности, почна вчера во Скопје, Штип и во Битола – градовите во кои во најголем број живееле македонските Евреи во Втората светска војна.

Со претходно направена систематска евиденција, ноќта меѓу 10-ти и 11 март 1943 година Евреите од Македонија биле извадени од нивните домови, за да бидат испратени во Треблинка, каде била спроведена завршната сцена на т.н. конечно решение. До крајот на март биле депортирани 7144 Евреи – мажи, жени и деца, и никој од нив не се вратил. Бројот на убиени македонски Евреи бил 98 проценти од еврејска заедница што дотогаш живеела во Македонија.

Би можело да ве интересира

Земјотрес во Скопје

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Пожар во куќа зад Универзална сала

Катерина Ѓуровски

Се судрија две возила, во сообраќајката повредена е малолетничка од Скопје

Комшија чува кокошки во зграда во Скопје, не знаат каде да пријават – законот јасен, ни маче и куче не смее да се чува на тераса

Анита Петровска Рајковиќ

Уапсени двајца скопјани затекнати како се дрогираат во стан на дилер од Скопје – уапсен и дилерот

Во Штип се одбележаа 81 година од депортацијата на Евреите во логорот на смртта „Треблинка“