„Кој е следен“: Ова не е борба меѓу партии, ова е борба меѓу чесните и корумпираните

Од:

Ова не е борба меѓу вас и нас, ова не е борба меѓу партии, ова е борба меѓу чесните и корумпираните. Сакаме системски промени, суштински, а не козметички и додека тие ги полнат своите џебови, ние ќе ги полниме улиците и ќе продолжиме да ги полниме се додека не видиме вистинска промена, е пораката од вечерашниот протестен марш што го организираше граѓанското движење „Кој е следен?“.

Учесниците побараа правда и одговорност.

-Собрани сме тука поради болка, неправда и трагедии кои можеа да бидат спречени ако институциите си ја вршеа работата, ако одговорните сносеа одговорност и ако корупцијата не беше прифатена како нормална појава. Овде сме да им оддадеме почит на жртвите, но не сме тука само за да жалиме, тука сме и зашто сакаме промена, не козметичка, не привремена, туку вистинска, суштинска, системска промена. Често забораваме, а народ што заборава ризикува трагедиите да му се повторат. Од вечерва јасно кажуваме: нема веќе да забораваме, нема веќе молк и нема веќе страв. Институциите се плашат кога чесните луѓе се здружени, кога граѓаните бараат правда, отчетност и нов почеток, кога кажуват: „да почнеме од нула“, истакна Бленди Ходаи, еден од учесниците на маршот во кусото обраќање пред Владата.

Ходаи напомена дека граѓаните бараат нула толеранција кон корупцијата, нула молк на неправда и кога институциите ќе затаат.

-Должни сме им на сите што страдаа и на оние што изгубија, на сите што беа жртви на систем кој наместо да штити, убива. Оваа држава или ќе ја направиме да функционира за сите или ќе продолжи да биде заробена за малкумина. Но, вие тука, покажавте дека се уште има народ кој не се плаши, кој не се продава и кој не се откажува, подвлече Ходаи.

Од протестниот марш беше порачано и „доста е“.

-Целта не е само да бараме одговорност, туку кончено да создадеме безбедна држава. Одговорните треба да одговараат, сите што стојат зад трагедиите. Време е за решенија, да престанеме да бараме виновници. Системот е следен, рече студентката Ангела, која исто така учествуваше на маршот.

„Правда“, „Убијци“, „Не се плашиме“, „Уа профитери“, „Одговорност“, „Нема правда, нема мир“, „Ние сме системот“, „Цела Влада оставка“, „Системот е следен“,„Доста беше смрт”, „Секој еден, може да е следен”, скандираа учесниците на протестниот марш во текот на целата маршрута, од плоштадот „Македонија“ каде што беше зборното место, преку Собранието, до Владата. Можеа да се видат и транспарентите „Државата ги убива своите деца“, „Купен мир и тишина пострашни од војна“, „Колку мито треба за да ги вратиме жртвите”, „Ннема тишина, само правдина”,…

На плоштадот најпрво беа запалени свеќи и беше положено цвеќе по што следуваше триминутен молк. Оттаму маршот тргна кон Собранието кое беше исвиркано од учесниците, а потоа продолжи кон Градската болница каде со аплауз и скандирање „Вие сте херои“ им беше оддадена своевидна почит на медицинските работници. Исвиркана беше и Владата пред која се одржа 16-минутно молчење во чест на жртвите од пожарот во Кочани.

Пред почетокот на протестниот марш, „Кој е следен?“ на прес-конференција порача дека се граѓанска иницијатива и дека не се поврзани со ниту една политичка партија.

-Многу е битно да се разграничи партизирање од политизирање. Ние сме активни граѓани, сакаме да останеме тука, да живееме во Македонија, но да е безбедно, бараме одговорност, безбедност и транспарентност и затоа протестираме, изјави Милена Јаневска од граѓанското движење „Кој е следен?“.

Би можело да ве интересира

Свирежи до Владата, a потоа 16-минутен молк за жртвите од Кочани

Горан Наумовски

„Вие сте херои“ – граѓаните ги поздравија медицинските работници

„Секој еден, може да е следен”, „Правда за жртвите”, извикуваат граѓаните на денешниот марш во Скопје

„Кој е следен“: Ние сме активни граѓани, сакаме да останеме тука, да живееме во Македонија, но да е безбедно

Горан Наумовски

„Кој е следен?“: Не сме поврзани со ниту една политичка партија, јавно ги осудуваме сите обиди за партизација

ВИДЕО: Протест на граѓанската иницијатива „Кој е следен“ во Скопје-загинатите во Кочани никогаш нема да бидат заборавени

Горан Наумовски