Гостиварскиот обвинител Ислам Абази кој е избран за нов шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција е непознат за пошироката јавност. Од него тешко се наоѓа фотографија, а нема ниту биографија. Обвинителите немаа прилика од него да чујат ниту детали за тоа како планира да раководи со едно од најважните обвинителства во државата, кое треба да се справи со организираниот криминал и корупција.
Според информации од „А1он“ кои ги добивме од неколку обвинители со право на глас, тој немал испратено ниту програма до нив. Во фелата важи за почитуван колега и обвинител. Има учествувано во изработка на низа закони.
За него постоеја шпекулации дека е кандидат на ДУИ. Тој никогаш не се огласи со став. Потекнува од Зајас, селото од каде е и лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Новиот шеф, Абази, пријавил и дека неговото семејство поседува куќа во Зајас, исто како и Ахмети.
Според анкетниот лист поднесен во Државната комисија за спречување корупција, тој нема ниту куќа, ниту стан, ниту автомобил. Поседува само долгови и мотор. Од недвижнини, на име на неговите родители, има запишано стан во Кичево и куќата во селото на Ахмети. На свое име, има голф 4, кој го стекнал со купопродажба, вреден скоро пет илјади евра. Абази има и кредит oд четири илјади евра, кој го подигнал во 2009 година. Засега не е познато кога последен пат го ажурирал неговиот анкетен лист и дали има промени.
„А1он“ и вечерва се обиде да исконтактира со сега избраниот шеф, Ислам Абази. Го прашавме колку вистина има во тоа дека е кадар на ДУИ, дали се познава со Ахмети и дали остварувал средби, но и каде може да се види неговата програма доколку истата постои. Тој посочи дека изјава ќе даде утре, кога ќе допатува во Скопје.
„Во текот на утрешниот ден ќе дојдам во Скопје и ќе се договориме за изјава преку прес-службата на ЈОРСМ“, вели Абази за „А1он“, неодговарајќи на ниту едно прашање.
Инаку, Ислам Абази беше избран со 66 гласови, преку гласање на сите обвинители во Македонија. На второ место, со 64 гласови или два гласа помалку, заврши скопскиот обвинител Ермон Незири. Досегашната шефица Вилма Русковска доби петнаесетина гласови, а нејзината колшека Деса Пауновска имаше едноцифрен број на поддршка.