Коалицијата Сите за правично судење, смета дека Законот за амнестија е терминолошки и процедурално нејасен и во колизија со Кривичниот законик, Законот за кривичната постапка и Законот за извршување на санкциите.
Коалицијата смета дека терминот „сторител“, кој се споменува во Законот за аменстија, не е дефиниран ниту во Кривичниот законик, ниту во Законот за кривичната постапка. Според Коалицијата, како сторител може да се смета исклучиво лице кое со правосилна судска пресуда е прогласено како виновно, па оттука не е јасно дали ставот 4 од членот 1 од Законот за амнестија ќе се однесува само на правосилно осудени лица.
Во конкретниот случај никаде дефинирано, ниту пак законодавецот има издадено некакво толкување со кое обврската за барањата за амнестија се врзува со судечкиот совет.
„Иако законот веќе во првите два члена користи низа термини (обвинето лице, осудено лице, осомничено лице, лице против кое се води постапка, лице за кое постои основано сомневање, сторител, лице кое сторило кривично дело и лица кои издржуваат казна затвор, итн.) членот 3 пропишува нова формулација, поточно: „Против решенијата од член 2 од овој закон жалба можат да поднесат лицата на кои се однесува амнестијата(…)“. Ова е можеби најконфузниот термин кој е употребен во законот, бидејќи покренува прашање дали лицето на кое еднаш му е одбиено барањето е лице на кое се однесува амнестијата, односно, дали амнестијата ги опфаќа сите лица на кои се однесува, бидејќи од терминологијата искористена во членот 3 се наговестува дека можно е да постојат и лица на кои се однесува амнестијата, а кои нема да бидат амнестирани поради тоа што не поднеле барање или жалба на првостепеното решение“, пишува во анализата на Коалицијата.
Дополнително проблематично подрачје е и неможноста на јавниот обвинител да поднесе жалба против евентуалното решение за амнестија.
Од Коалицијата додаваат дека Законот за амнестија треба да се однесува на неопределен број на лица обвинети за конкретни кривични дела, па оттука е спорно што законодавецот навлегува во опишување на конкретните дејствија со кои е сторено одредено дело, а кои можат или не можат да бидат предмет на амнестија, бидејќи така презицното дефинирање на дејствијата кои ќе ги опфати амнестијата ја претвара во конкретен, а не општ правен акт кој се однесува на конкретни лица.
„Дополнително, Законот не поставува еднакви услови за сите лица кои ги опфаќа, па така осудените лица се оставени на милоста на казнено-поправните институции, обвинетите лица за кои се води судска постапка мораат самите да поднесат барање, додека пак за осомничените лица не е позната постапката за примена на законот, бидејќи Законот за амнестија се повикува исклучиво на надлежноста на судот и не ги зема предвид измените на кривичната постапка со ЗКП од 2010 година, кој почна да се применува во 2013 година, а кој закон овластувањата на судот во истражната постапка ги префрли врз обвинителството“, пишува во анализата на Коалицијата.
Васко Маглешов