Да се почитуваат мерките за лична заштита од убоди од комарци, а особено на места на кои има застојана вода во дворови или во нивна непосредба околина. Општините каде е прогласена епидемија ќе добијат СМС пораки со насоки за постапување изработени од Институтот за јавно здравје. Според епидемиолошките очекувања август и септември историски се месеци на врв на вакви епидемии, каква што е западнонилската треска, изјави денеска министерот за здравство Сашо Клековски, кој апелираше на максимална внимателност.
Тој рече дека денеска се одржал состанок на Комисијата за заразни болести, која редовно ја следи состојбата и носи препораки, согласно епидемиолошката состојба, на кој присуствувале директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Кирил Лазов и градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.
– Имаме три прскања против комарци по индикации. Едно прскање во Драчево за возрасни комарци, односно од земја на 30 и 31 јули и ларвицидно прскање по земја на 20 хектари на водени површини во тоа место и ларвицидна теристичка дезинсекција по индикација на 10 хектари на стоечки водени површини. Тоа е каналот во населба Сингелиќ, Стајковци и Јурумљари, рече Клековски.
Посочи дека од Државниот санитарен и здравствен инспекторат е информиран дека плановите за прскање против комарци во општините генерално се спроведуваат и дека ДСЗИ ќе спроведе и вонредни контроли. Појасни дека фокусот во следниот период ќе биде на прскање од земја, а не од воздух.
– Ќе биде извршена и вонредна контрола на живина во зафатените подрачја. Најчесто индетификувани резервоари на болеста се гаврани и сите граѓани кои ќе видат мртва дива птица треба да ја пријават во Агенцијата за храна и ветеринарство. Се согласивме на Комисијата за вонредна контрола на живина во загрозените подрачја, а посебен таргет е слободната живина во близина на канали за наводнување. Редовно комуницираме со Европскиот центар за контрола на болести. Сите средства употребени за спроведување на прскањето за комарци се од листата на одобрени средства за прскање на Светската здравствена организација, додаде Клековски.
Претходно министерот соопшти дека досега има 35 потврдени случаи на западнонилска треска, три смртни случаи, шестмина се во критична состојба и се наоѓаат на интензивна нега на Инфективната клиника, три случаи се суспектни, а 15 лица се излекувани.
Директорот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, д-р Фадил Цана информираше дека освен шестмината кои се во критична состојба и се на возраст над 60 години, на Клиниката се лекуваат десет пациенти со западнонилска треска. Тој посочи дека возрасната граница се поместува, кај инфицирани пациенти со невроинвазивна форма најмладиот пациент има 25 години и е во стабилна состојба.
