Наредната недела ќе започне со работа Дисциплинската комисија за утврдување на одговорност на поранешениот шеф на скопското обвинителство Гордана Гешковска, нејзиниот тогашен заменик Јован Цветановски и обвинителот за организиран криминал Златко Биковски за несоодветно постапување за настаните со насилниот упад на толпата во Собранието на 27 април 2017 година.
Гешковска, Биковски и Цветановски наредиле да не се изврши увид веднаш по настанот, со што многу докази и траги се уништени или необезбедени. Со тоа што оставиле време да се избришат и уништат снимки и телефонски комуникации за учество на државни функционери во крвавите настани, како и докази за нарачателите, направена е голема штета на истрагата.
На 10 октомври, според најавите, конечно Комисијата ќе започне со работа, по неколкуте постапки и барања на тројцата обвинители кои го одолговлекуваа почетокот. На нивно барање сменети се и двајца членови на Комисијата и поставени нови.
По завршување на истрагата, Комисијата може да донесе предлог за разрешување на тројцата обвинители.
Името на Гешковска се појави и во прислушуваните разговори што ги објави лидерот на СДСМ, од кои се слуша како тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков со екс министерката Гордана Јанкулоска, по претходна координација со јавниот обвинител Зврлевски, одлучуваат за заменик на републичкиот јавен обвинител да биде избрана Гордана Гешковска.