Тековните проблеми со кои се соочуваат специјалистите стоматолози во своето работење, со акцентот на нивното барање за ревидирање на цените на здравствените услуги и потребата од нивно зголемување, биле разговарани на денешната средба меѓу претставници на Македонското здружение на стоматолози специјалисти и претставници на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, предводени од директорот на Фондот, Стево Крстевски.
Претставниците на состанокот, се вели во соопштението од ФЗОРСМ, договориле да формираат заедничка работна група која интензивно и во континуитет ќе работи на ревидирање на цените на здравствените услуги на специјалистите стоматолози, а се со цел овозможување и обезбедување на поквалитетни здравствени услуги на осигурените лица на Фондот.
Од Фондот за здравствено осигурување на РСМ, информираат дека како купувач на здравствени услуги кои ги третира здравствените установи како рамноправни партнери односно даватели на здравствени услуги, на средбата изразиле целосна спремност и подготвеност и понатаму да ја продолжи соработката со специјалистите стоматолози, за кои смета дека се битна алка во процесот на добивање на квалитетна и навремена здравствена услуга на осигурените лица.