Министерството за здравство ќе прави целосна ревизија на случајот на починатата 66-годишна жена од струшко со дијагностициран коронавирус која не била примена во болница иако матичниот лекар препорачал хоспитализација на инфективното одделение во охридската болница. Починала утрово, а вирусот вчера бил дијагностициран и кај неа и кај нејзиниот сопруг.
Починатата имала срцева болест, хронична белодробна болест и покачен крвен притисок. Според епидемиолошката анкета, семејството на починатата непосредно пред прогласувањето на кризната состојба во Дебар (13 Март) било на гости во Дебар и имало контакт со еден од таму заболените доктори, а по сознанието дека и тој е позитивен на коронавирус, семејството било во домашна самоизолација.
„Откако се јавиле првите симптоми кај починатата, таа на 24 март закажала тестирање на коронавирус преку својот матичен лекар. Материјал за тестирање е земен на 26 март, а резултатите пристигнале во текот на вчерашниот ден. Заради нагло влошената состојба на пациентката, матичниот лекар уште веднаш препорачал хоспитализација на инфективното одделение во охридската болница, но до добивањето на резултатите вчера, пациентката не е примена во болница.Заради ова, Министерството најавува целосно ревизија на случајот за да се утврди дали има лекарски пропуст во овој случај“, извести Минстерството за здравство.
66-годишната жена од струшко е четврта жртва од коронавирус во Македонија. Трета жртва беше 66-годишна жена од Дебар која долго време беше на респираторна машина на Инфективната клиника во Скопје. Втора жртва беше 63-годишен маж од Дебар кој почина на Инфективната клиника во Скопје, а првата жртва е 57–годишната кумановка кај која коронавирусот беше дијагностициран по смртта откако двата теста додка била жива биле негативни на вирусот. Вкупната бројка на заболени од коронавирусот до денес е 241, а излекувани се тројца пациенти.