Тина Петрушевска директор на ЈП Лајка, поставена од Петре Шилегов ја злоупотребува позицијата и се изживува со вработените во ЈП Лајка и им врши мобинг. Ова не се само тврдења на ВМРО-ДПМНЕ, ова се жалби на вработените, кои се охрабриле и смогнале сили да ја пријават директорката Петрушевска рече на прес конференција Стефан Кирков од ВМРО-ДПМНЕ.
„Тина Петрушевска веќе подолг период се изживува со раководителот на сектор Слаѓана Стаменкова, која во допис до УО на ЈП Лајка и Град Скопје се жали на мобинг од Петрушевска назначена од Шилегов и СДСМ. На мобинг и притисок од ЈП Лајка се жалела и членката на УО на ЈП Лајка Теона Георгиевска, која е разрешена од страна на директорката Петрушевска. Мобинг од Петрушевска трпи и единствениот ветеринар во ЈП Лајка Виктор Груев, кој доколку ја напушти работата или добие отказ претпријатието ќе остане без ветеринар. За тоа дека Петрушевска и Шилегов не работат добро и се изживуваат со луѓето вработени во ЈП Лајка доказ се и над 20 луѓе кои веќе дале отказ од претпријатието токму заради притисоците и мобингот кој го трпеле од Тина Петрушевска“ – рече Кирков.
Тој ги повика институциите да ги истражат случувањата во ЈП Лајка. ДКСК до која се поднесени неколку претставки по разни основи исто така веднаш да реагира.