„Притисоците од страна на раководните лица во институциите врз вработените и денес не запираат. Раководните лица вршат притисок врз вработените за присуство на протест пред Државната Изборна Комисија, со цел да протестираат и да извршат притисок врз работата и носењето на одлуки на истата.
Правото на протест е загарантирано со Устав, меѓутоа уште еднаш потсетуваме дека извршување на партиски и изборни активности во текот на работното време во јавниот сектор е спротивно на член 38 од Законот за вработени во јавниот сектор, а вршењето на закана, оневозможување и спречување на утврдување или објавување на резултатите од гласањето е казниво согласно член 158 од Кривичниот законик.
Недозволиво е вработените во јавниот сектор да трпат притисоци и понижувања за партиски цели! Нема да дозволиме вработените да бидат маша во рацете на режимските слуги и да бидат предмет на потсмев. Токму поради тоа поднесуваме иницијатива до Државниот инспекторат за труд, Државниот управен инспекторат и Министерството за внатрешни работи за вонреден надзор на работата на следниве институции:
-Општина Карпош;
-ООУ ,,Невена Георгиева – Дуња” – Скопје;
-ЈСП Скопје;
-ЈП ,,Македонски шуми” – Скопје;
-ЈП ,,Стрежево” – Битола;
-ФОД Битола;
-Ученички дом ,,Мирка Гинева” – Битола;
-ЈЗУ Општа болница ,,Борка Талески” – Прилеп;
Секој оној кој на каков било начин ќе ја злоупотреби службената должност ќе одговара“, се вели во писменото соопштение на Александар Кирацовски, Дополнителен заменик на министер за информатичко општество и администрација.