Кинескиот удел во македонската 5Г мрежа е проблематичен, Владата ќе реагира

Од:

Иако не е услов за членството на Северна Македонија во НАТО се отвораат прашања околу безбедноста и кинеското влијание во развојот на 5Г мрежата и дигиталната инфраструктура во земјата, потврдија денеска од Владата.

На Самитот на лидерите на НАТО кој ќе се одржи утре во Лондон, 5Г технологијата, улогата на Кина и на нејзиниот оператор Хуавеи ќе бидат отворени, како што најави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

Мнозински сопственик на Македонски Телеком е унгарската Матав, дел од Дојче Телеком, кој соработува со Хуавеи во развојот на новата технологија. Оттука Владата, иако е делумно сопственик на македонските телекомуникации има ограничено влијание врз одлуките поврзани за 5Г, велат од Владата.

Меѓутоа, со оглед на жестоките расправии во ЕУ и во НАТО за ризиците што ги носи кинеското влијание преку Хуавеи, но и со оглед на загриженоста во нашата влада, велат дека прашањето се разгледува од блиску и оти ќе има реакција.

-Ние не сме доминантен сопственик, но сепак имаме удел во нашиот Телеком, и сме регулатор, ќе се трудиме во стратегиите што ги носи Владата за 5Г како услови да бидат вградени овие безбедносни услови за НАТО, наведа високи владини извори денеска во Лондон на брифинг со новинарите.

Прашањето за тоа до кој степен треба да се отворат пазарите за кинескиот гигант се една од најбурните теми помеѓу сојузниците во НАТО и прашањето ќе биде на маса и утре, за Северна Македонија, како што велат пд Владата, „прашањето не може да се одмолчи“ и покрај тоа што станува збор за приватна фирма.

-И за приватни фирми постојат правила, но прерано е сега пред да имаме горе-долу усогласен став во рамките на Алијансата, да не бидеме поголеми католици од Папата, објаснуваат од Владата. Сепак, додаваат, „факт е дека кога мрежата беше државна и кинеските фирми немаа земено толкав залет, мрежата беше комплетно на европска платформа и беше многу квалитетна, Хуавеи во последните пет-шест години влезе во Дојче Телеком“.

Од Владата истакнуваат и дека проблемот со безбедноста на мрежата е прашање кое се поставува и вон рамките на НАТО, бидејќи во фокусот се личните податоци на македонските граѓани кои треба да бидат заштитени. Прашањето веќе е отворено и во разговорите со Град Скопје во рамки на развојот на концептот „Паметен град“.

– Овие елементи ќе влијаат и кога ќе ги правиме системите на Смарт Сити, сме го разговарале со Град Скопје, во системите на набљудување да не им ги даваме на тацна информациите за нашите граѓани, велат од Владата.

Темата е отворена на највисоко ниво во Владата, и како што ветуваат оттаму, нема да остане без реакција.

– Рано е да кажуваме, но како регулатор ќе се вмешаме, тврди висок владин извор.

На утрешниот самит, каде тензиите ќе се кристализираат околу Турција, Франција и САД, на дневен ред, се разбира, е Русија.

Северна Македонија е усогласена со принципот на „двоен пристап“ на НАТО кон Русија – дијалог од една страна, подготвеност од друга.

Пред неколку недели, францускиот претседател Емануел Макрон, во интервју за Економист порача дека треба да се ревидира пристапот кон Русија и не исклучи затоплување на односите со Москва, што предизвика бура негативни реакции посебно во источноевропските и балтичките земји, како и во Германија и северот на Европа. Од друга страна, турскиот претседател ја условува поддршката за военото присуство на Балтикот со признавањето на курдските воени групи како терористички.

Северна Македонија се држи настрана од конфликтните теми и „има разбирање“ за сите страни.

– Макрон можеби има информации за проширувањето на НАТО, и дека тоа е извор на нервоза за Русија, велат владини извори, алудирајќи на можноста Алијансата да се прошири кон Украина и Грузија, нешто на што Москва остро се противи.

Од владата додаваат дека „позиционирањето на трупите покажува јасно каде НАТО ја гледа заканата, Северот и границата со Русија“, појаснуваат владини извори.

Во однос на Еродган и Курдите, како што велат, Северна Македонија „има разбирање за безбедносните предизвици на Турција и смета дека „камен на сопнување е односот кон политичките партии“.

-Поголем проблем е Блискиот Исток затоа што таму е реална војна, ќе се води дискусија на таа тема, ако погледнете убаво ова е повторување на сценариото од 2003 и интервенцијата во Ирак, каде имаше блок земји со Франција на чело кој се противеше. Ние, како Северна Македонија и мала држава ќе треба да внимаваме, велат од Владата.

Северна Македонија утре се надева и на неколку позитивни вести, пред сѐ, деталите околу ратификацијата на НАТО протоколот од страна на Шпанија.

Премиерот Зоран Заев утре треба да оствари билатерална средба со шпанскиот премиер, Педро Санчез, од кого се надева дека ќе добие нови информации за постапката. Шпанскиот Парламент почна да се составува, а од македонска страна очекуваат ратификацијата во Шпанија да се случи во првите два месеца од 2020-та.

Од Владата не стравуваат од какви било пречки во ратификацијата од македонска страна, без оглед на тоа што Владата ќе биде „пржинска“, а атмосферата предизборна.

Би можело да ве интересира

Невремето без струја го остави целиот дебарски регион

Предраг Петровиќ

Го претепа кучето со метална шипка по глава само затоа што извршило нужда пред капијата

Предраг Петровиќ

Османи: Гледаме многу загриженост кај Албанците во Македонија во однос на правата стекнати со Охридскиот договор

Шведската полиција откри кинески брод во близина на можна саботажа на два кабли на Балтикот

На средбата со Бајден, Си оцени: Односите меѓу САД и Кина останаа стабилни

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Кина: Студент со нож убил најмалку осум лица

Горан Наумовски