Во Кавадарци попладнево пред општинската зграда, се одржа собир против градби во Градскиот парк.
Еден од иницијаторите, Ивица Јовановски ги кажа барањата до градоначалникот и Советот на општината. Воведување на стражарска служба која нема да ја нарушува слободата и приватноста на посетителите на градскиот парк, забрана за движење на моторни возила, обнова на јавното осветлување, поставување на нови клупи, канделабри и корпи за отпадоци, ретставрација на спомен костурницата, насадување на нови садници, проширување на површината на Градскиот парк, инсталирање на систем за полевање со технолошка вода, поставување на информативни табли на знаменитостите кои ги нуди Градскиот парк и правила на однесување овде, најмалку два пати неделна акција за чистење на градскиот парк од страна на Јавното претпријатие „Комуналец”.
Горан Сами ,кој е исто така дел од Иницијативата, соопшти дека имаат поддршка од еколошкото друштво „Еко-живот” и граѓани, побара да се испита целата постапка за планот од 2013 година, а дотогаш да има времено запирање на сите градежни активности. Информираше дека ќе достават барање до Државниот инспекторат за урбанизам да ја преиспитаат постапката околу градскиот парк во минатото.
– Мора да се дигнеме сите, да не дозволиме, сите знаеме дека живееме во неморално општество и дека се е сведено на бизнис интереси. Ова мора да прекине и се надеваме на поголема поддршка, рекоа тие.
Претседателот на „Еко-живот” Роберто Паризов нагласи дека ваквата ситуација се должи на отсуството на Локалниот еколошки акционен план изминативе години. Повика да се донесе овој документ.
Градоначалникот Митко Јанчев заедно со претставник од Одделението за урбанизам и заменик градоначалникот ги пречекаа своите сограѓани пред општината и ги поканија во општинската сала, каде им ги презентираа постоечките планови.
– Паркот си има граница и никој не навлегува во неа. Три пати за пет дена бев на лице место, на опсегот кој е надвор од паркот, на увид. Таму сега има плитар цигли, шут и грмушки. Не го оправдуваме планот, но тој што го донел, беше најгласен зошто се гради таму, нагласи Јанчев.
Тој појасни дека цел годишен буџет би требало за отштета, доколку општината ги попречи инвеститорите кои започнале постапка согласно на претходна процедура, а некои од нив во 2015 и 2016 година платиле и по 90 евра по квадратен метар.
Адвокатот во пензија Ѓорѓи Митрев кој беше присутен на собирот, побара да се провери постапката.
По средбата, Јанчев во изјава за медиумите рече дека е договорено да се прошири паркот и да се води поголема грижа за него од порано.
Иницијаторите рекоа дека се согласуваат со тоа, но остануваат исто така и на своите барања за мораториум и ревизија.