Лидерот на БЕСА, Билал Касами на денешната прес конференција соопшти дека БЕСА оди во опозиција и дека нема да биде дел од новата влада.
Според него, тој нема да биде дел од владиниот кабинет затоа што Зоран Заев не ги прифатил принципите на БЕСА, односно не потпишал договор со кој ќе се обврзе дека барањата на Албанците ќе бидат исполнети.
„БЕСА останува во опозиција, но и понатаму ќе биде главен фактор за заштита на Албанците и е отворена да поддржи реформи за подобрување на статусот на албанските и останатите граѓани.
Ние сакаме да бидеме различни од владеењето Ахмети – Груевски и затоа го баравме овој договор, бидејќи не сакаме да бидеме како Ахмети и кога се прашање правата на Албанците да велиме дека Груевски ги опструирал“, изјави Касами.
Тој кажа дека Заев не прифатил редефинирање на државата, а на новинарско прашање што поточно значи редефинирање затоа што во јавноста звучи опасно, тој рече дека не е опасно и Албанците да одлучуваат за државата.
Касами кажа дека БЕСА ќе биде отворена да гласа за реформи, онака како што го потпишале барање за укинување на екстерното и како што ќе бараат продолжување на мандатот на СЈО.