Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев, заедно со директорот на Управата за водење на матични книги Ѓоко Котески, денес отворија подрачна канцеларија на Управата која ќе функционира на територијата на локалната самоуправа на Карпош.
Од сега, на аголот меѓу ул. Бранислав Нушиќ и ул. Никола Тесла, граѓаните на Општина Карпош ќе можат да ги вадат сите потребни документи, кои се добиваат токму од оваа институција. Како што истакна градоначалникот Богоев, со ова се олеснува целата процедура на вадење на соодветните документи, и се растоварува метежот кој се создавал пред шалтерите на седиштетот на Управата за водење на матичните книги, соопштуваат од Општина Карпош.
-Со оваа истурена канцеларија, карпошани ќе можат многу поедноставно, полесно и побрзо да ги вадат потребните документи, и метежот кој до сега се создавал во оваа институција, ќе биде минато, потенцираше Богоев. Притоа, појасни тој, ова ќе биде олеснување не само за жителите кои се родени во Карпош, туку и за оние кои се родум од други општини од Градот Скопје и Републиката, а кои се жители на Општина Карпош.
Директорот на Управата за водење на матични книги Ѓоко Котески, нагласи дека после Аеродром, Општина Карпош е втора локална самоуправа во која се отвора подрачна канцеларија, и дека целиот овој проект, е дел од владината програма „ 3-6-9“, со која се предвидува институциите на системот да бидат подостапни до граѓаните.
-За оваа година, ова е последна подрачна канцеларија која ја отвораме, но веднаш по Нова Година, ќе отвориме единица и во Општина Бутел. На овој начин, многу поефекасно ќе ги сервисираме потребите на граѓаните, дециден беше Котески.
Карпошани, токму во ова подрачно одделение ќе можат да вадат Извод од матична книга на родените, извод за матична книга на умрените, како и венчален извод.