Каранфилова-Пановска: Интервјуто на Груевски изобилува со теории на заговор, лаги и неукост

Од:

Фани Каранфилова-Пановска, актуелна извршна директорка на ФООМ во изјава за Дојче Веле, констатира дека интервјуто на Груевски, кое изобилува со лаги, неукост и опседнатост со теории на заговор, е продолжение на низата зачестени напади врз Фондацијата.

„Јасна е повеќегодишната тенденција на Груевски и на раководството на ВМРО-ДПМНЕ да креираат имагинарни непријатели и да се закануваат со ‘чистки’ на своите неистомисленици. Прогласот од 17 декември со кој Груевски, меѓу другите закани, најави и ‘десоросоизација’, оркестрираниот упад на Управата за јавни приходи во над 20 граѓански организации во текот на декември 2016, и сега ова интервју кое доаѓа на првиот работен ден во Новата 2017. година, упатуваат на тоа дека хајката против правдољубивото и слободољубиво граѓанско општество и против ФООМ добива на интензитет“, смета Каранфилова.

Според неа, нападите врз граѓанското општество кое бара политичка одговорност и правно санкционирање за криминалното десетгодишно владеење на Груевски, има за цел да го заплаши и задуши прогресивното граѓанско движење. Директорката порачува дека ФООМ останува посветена на принципите и вредностите на отвореното општество, кои значат ангажман за силно, професионално, сплотено и гласно граѓанско општество, кое ќе продолжи да се залага за владеење на правото, за одговорна власт, за борба против корупцијата, за заштита на човековите права и слободи, за слобода на медиумите, за помош на маргинализираните групи, за социјална правда и за мултиетничко општество.

„Темелните принципи на отвореното општество по дефиниција не се во судир со десницата, ниту пак се во ‘љубов’ со левицата, како што сака да прикаже Груевски, обидувајќи се со разни манипулации овој сериозен граѓански активизам да го обезвредни и да го прикачи на некоја од партиите, така како што тој мисли дека може да се прави. Токму неговата опседнатост со фондацијата на Џорџ Сорос во Македонија ги потврдува принципите и вредностите на отвореното општество, кои се загрозени и се во конфликт секогаш и секаде кога на власт се лидери и партии кои демонстрираат упад во системот на поделба на власта, корумпирано и криминално владеење, селективна правда, национализам, дискриминација, хомофобија, авторитарност и репресија“, вели директорката на ФООМ.

Во текстот на Дојче Веле се потсетува кој се од ВМРО-ДПМНЕ користел средства и работел во како што вели Груевски “Соросовата фондација“.

“Според податоците од Фондацијата, актуелниот претседател на Република Македонија Ѓорге Иванов бил член на Управниот Одбор на соросовата Фондација од мај 2002. до октомври 2004. година. Член на УО бил и Паско Кузман. Актуелниот македонски амбасадор во Лондон, Јован Донев, бил претседател на УО од 1996. до 2002. година, а потоа и извршен директор на Институтот Евробалкан, каде еден од основачите била и соросовата Фондација. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, бил член на пододборот за доделување грантови за младински програми, а корисници на еднократни стипендии за студиски престој во странство биле актерот и член на ГДОМ, Тони Михајловски и Антонио Милошоски. Корисник на најголемиот грант што е доделен откако постои ФООМ, е печатницата „Европа 92“, чиј сопственик Ратко Димитровски беше пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и е нејзин градоначалник на Кочани во втор мандат. ФООМ платила 80.000 долари само за бродското осигурување на транспортот од САД до пристаништето во Варна, на печатарската опрема вредна над еден милион американски долари“, пишува Дојче Веле.

Би можело да ве интересира

ФООМ донира 100 илјади долари за најзагрозените ромски семејства

Ана Ололовска

ФООМ додели награди за средношколци и наставници

Ана Ололовска

ФООМ бара итно повлекување на законската измена за заменици директори во јавните претпријатија

Наум Локоски

ФООМ – 25 години поддршка за силни и активни граѓани и демократско општество

Ана Ололовска

НОВУС го заврши сетот на обуки за запознавање на младите со европските политики и институции

Ана Ололовска

Фондацијата „Отворено општество“ бара официјална потврда од ЈО за истрагите против НВО секторот

Ана Ололовска