Претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски, вели дека не му се пријатни ниту нему ниту на неговата фамилија нападите во медиумите. На денешната прес-конференција, откако неколкупати повтори дека не смениле ништо во работењето, само поголем број луѓе работат на терен и дека новите случаи се поради непочитување на мерките, Караџовски издвои време за уште еднаш да ѝ се претстави на јавноста.
„Оставете ги пишувањата против Комисијата, ние сме најголемите професионалци во државава. 27 години работам овде и, ова мора да го сигнализирам, никогаш досега не сум го кажал. Четврти пат доаѓам во Влада. Министерот Венко Филипче ми е 13. министер. Директорот на ИЈЗ ми е деветти директор, значи најпрофесионално ја работиме работата, а сум бил член на сите комисии за заразни болести. Ве молам тоа да го имате предвид пред да почнете да не ме напаѓате во медиумите, не ми е пријатно ниту мене ниту на мојата фамилија. Јас ќе издржам, заради тоа што сум цврст како куче“, рече Караџовски.
Тој повика да се почитуваат мерките за да не се доведеме во состојба во услови кога сите ги намалуваат рестрикциите ние повторно да го воведуваме.
„ Само тие што не биле на Инфективна клиника не знаат каква е таа мачна атмосфера. Не е сеедно да гледате како умираат луѓе. Воопшто не е сеедно да донесувате мерки кои се рестриктивни, како за мене така и за мојата фамилија, но и за нашите најблиски. Ве молам, дајте да сфатиме дека мерката за носење заштитна опрема, дистанца од два метра е основата во цел свет. Никаде ништо се нема променето во овие мерки. Дајте да се здружиме сите заеднички. А партии и политика и кои било други работи да ги тргнеме на страна“, рече Караџовски.