Доктор Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје, член на Комисијата за заразни болести ги објасни причините зошто Комисијата се одлучила да препорача укинување или намалување на рестриктивните мерки, точно 3 месеци откако беше утврден првиот случај на коронавирусот во земјава.
Тој рече дека препораките се правени во однос на последниве 14 дена, кога се гледа подобрување на новорегистрираните случаи на коронавирусот и намалената стапка на смртност, а сите кластери се под контрола.
„Во периодов од 14 дена имаме просечно од 10-40 случаи, што значи во просек на дневно ниво, 20 случаи. Смртноста изнесува 1,1 случај на дневно ниво, што е многу подобро од земјите каде што има десетици дневно. Станува збор за намален морбидитет, морталитет, кој ги следи европските и светските држави“, рече тој.
Караџовски рече дека во последниве 14 дена се направени речиси 1500 тестирања на 1 милион жители.
„Ако на почетокот ги следевме само лицата што имаат симптоми, алгоритамот сега е надграден и се проширува, како на пример тестирањето на вработените во градинките, а правиме напори да ги тестираме вработените во домовите за стари лица“, рече тој.
Во периодот што следува, ќе бидат тестирани здравствените работници, таксистите, полицијата, армијата, и за ова се предвидени 10.000 тестирања.
Во последниве 14 дена, рече Караџовски, од 2,7 отсто до 8,7 отсто од тестираните се позитивни на Ковид-19, што во просек изнесува 5,7 отсто. Ова, според Караџовски е бројка која укажува дека треба да се намалат мерките.
„Кластерите се под контрола“, вели тој, додавајќи дека нема новорегистрирани случаи, туку точно се знае кои се фамилиите и општините каде што има позитивни на Ковид-19 и лицата кои биле во контакт со нив се во изолација и во самоизолација, па оттаму можат и полесно да се следат.
Во седум градови, според него, има од еден до тројца пациенти, а пет градови се под надзор, каде што има по дваесетина кластери (Скопје – Чаир, Сарај и Гази Баба, Тетово, Куманово, Велес…)
„Поголем проблем ни е Тетово, но успеавме да ги локализираме кластерите и повеќето од лицата да ги ставиме во изолација“, рече Караџовски.
Тој вели дека голем проблем во сиот процес бил фактот што десетици лица се јавувале многу доцна на инфективните одделенија, па како последица на тоа настапила и смрт.
„Петнаесетина лица беа донесени на инфективните одделенија во терминална фаза, што значи дека дел од нив не се осмелувале веднаш да дојдат на преглед или да дојдат кога е предоцна“, вели Караџовски.
Тој рече дека државата се надминала себе во однос на навременоста и стручноста за справувањето со коронавирусот, им се заблагодари на сите членови од Комисијата за заразни болести и на сите здравствени работници.
На граѓаните им препорача да не веруваат во лажните вести дека вирусот не постои и да ги почитуваат препораките за носење маска, држење физичка дистанца и редовно миење раце.