Обезбедување новогодишни подароци за децата кои живеат во сиромаштија има за цел кампањата „И јас сум Дедо Мраз“ која почнува денеска. Подароците ќе можат да се донираат до 18 декември, а од 20 до 27 декември Дедо Мраз ќе им ги однесе подароците на околу 200 дечиња за кои се собираат подароците.
– Целта ни е што повеќе луѓе, особено јавни личности кои имаат голем број следбеници на социјалните мрежи да се приклучат кон оваа кампања, да ја промовираат и да станат дел од неа. Ги поканивме нашите пријатели од јавниот живот од 1 до 10 декември, да купат новогодишен подарок или онолку колку што можат подароци, за деца до 11 години. Ги замоливме подароците убаво да се завиткани, и на нив да стои за која возраст е и од кој пол е детето. Потоа, фотографии од подароците да се објават на социјалните мрежи со хаштаг #ијассумдедомраз #проектсреќа. На тој начин, јавните личности ќе ги мотивираат сите граѓани, но и компаниите и институциите да го сторат истото, изјави Кристина Арнаудова, основач на здруженито „Проект Среќа“ кое е организатор на кампањата.
Подароците се донираат до 18 декември, во канцелариите на Здружението на улица Христо Смирненски бр. 4/5, во близина до Универзалната сала. За сите информации, обратете се кај координаторот на проектот Благица Ристов, на телефонскиот број 078-405-264.
Од 20 до 27 декември Дедо Мраз ќе ги посети децата во нивните домови , а на списокот има повеќе од 200 дечиња. Учество во проектот „И јас сум Дедо Мраз“ веќе потврдиле повеќе наши јавни личности: пејачи, актери, спортисти, политичари.