Ако месото од животно кое има беснило е термички обработено, не постои опасност луѓето да се заразат, но ако дојде до каснување или контакт со слуз и други екскрети, тогаш има таква можност. Тоа, сепак, не значи дека контактот на човекот со болното животно веднаш предизвикува зараза. Постои лекарски преглед, лекарска процедура, давање соодветни лекови и третман, рече директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски пред промоцијата на кампањата за пасивен надзор на беснилото што почнува денеска.
Според препораките на ветеринарите, секој што ќе види угинато животно, не треба да го допира. Најдобро е случајот веднаш да го пријави на 0800 00 210 или на мобилната апликација „Стоп беснило“.
-Со пасивниот надзор практично овозможуваме веднаш да се направи пријава. Беснилото е заразна болест, зооноза, која се јавува и кај домашните животни и кај граѓаните. Затоа, многу е важно се она што го прави Европската агенција за безбедност на храната (ЕФСА) во целиот регион. Всушност, дел сме од голема кампања во која заедно со другите земји до Западен Балкан продолжуваме да се грижиме и за здравјето на домашните животни, но и за здравјето на луѓето, истакна Бабовски и потсети дека кампањата за пасивен надзор на беснилото е само продолжение на веќе претходно спроведената.
АХВ денеска ја промовираше и кампањата за подигнување на јавната свест за здрава храна. Со овие две кампањи Агенцијата го одбележува завршувањето на проектот „Подобрена имплементација на законодавството во делот на здравјето на животните, безбедноста на храната и фитосанитарната област и соодветните информациски системи”, вреден 1,6 милиони евра, што се реализираше изминатите две години во рамки на ИПА 2015, со финансиска поддршка од Европската унија. Носител на проектот е АХВ, а спроведувањето беше во соработка со Фитосанитарната управа, Државната фитосанитарна лабораторија и Државниот инспекторат за земјоделство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
– Безбедноста на храната е еден од најбитните фактори за зачувување на здравјето на луѓето и домашните животни, потенцира директорот на Агенцијата.
Според заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, инспекторите се постојано на терен и будно ја следат ситуацијата.
-Ова е само еден од проектите што ги спроведуваат Министерството и Секторот земјоделство о поддршка на ЕУ. Со него се дизајнираше и се разви оперативен фитосанитарен информациски систем, но беше усвоен и Правилник со листи на штетни организми, растенија, растителни производи и предмети со цел заштита на земјата од опасности од увоз, рече Димковски.
Донесен е, додаде, и Закон за фитофармација, подготвени се подзаконски акти, како и Национален акциски план за одржлива употреба на пестициди и Прирачник за сертификација на опрема за апликација на пестициди.
-Крајни бенефити се производните процеси насочени кон заштита на животната средина и потрошувачите кои користат побезбедна и здравствено исправна храна, подвлече заменик министерот.
Раководителот на секторот за операции при Делегација на ЕУ во Скопје, Штефен Худолин порача дека е клучно да се воспостават одржливи механизми за производство на храна.
-Алармот е веќе вклучен. Човештвото користи многу повеќе ресурси отколку што произведува. Мора да престанеме со фрлање, да ја зголемиме свеста кај луѓето, истакна Худолин.