Камионските превозниците втор ден го блокираат товарниот сообраќај на граничните премини

Од:

Блокадата со камиони на товарниот сообраќај на граничните премини во државава продолжува и денеска, како дел од заедничкиот протест на македонските и превозниците од Западен Балкан кои бараат решение за проблемите поради електронската евиденција за престој во шенген-зоната во согласност со правилото 90/180 дена од април годинава.

Наспроти блокираниот товарен сообраќај на премините кон шенген зоната, кој, според најавите ќе трае најмалку седум дена, патничкиот сообраќај, функционира непречено.

Камионските превозници од државава и нивните колеги од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, сметат дека ЕЕС системот ги дискриминира во однос на тие од ЕУ и бараат да им биде доделен посебен статус и да ги третира како туристи при влез во блокот.

– Поентата не е да ја заглавиме сопствената стопанска активност, туку да покажеме што може да се случи во одреден период. Кога ќе се приклучат и Турција и другите држави, ќе се работи за над милион тони стока што се движи или чека и тоа треба да биде јасен сигнал за сите. Но не можеме со месеци да држиме блокади, ниту сакаме да им нанесеме штета на нашите производители, трговци и на населението. Ако не се најде решение, ќе се бараат други форми на притисок. Ако Европската Унија не може да издржи еден месец ваква состојба, тогаш јасно е дека овие мерки не може да траат подолго – изјави Билјана Муратовска од асоцијацијата на превозници „Макам-транс“ на првиот ден од протестот што стартуваче вчера напладне.

Таа потсети дека со секоја држава имаме потпишано билатерални договори во областа на превозот, кои дозволуваат пристап и движење на нивна територија.

Укажа и дека економска оправданост за тоа да се обезбедуваат по двајца возачи кога нема доволно возила воопшто не постои. – Не е економски оправдано еден возач три месеци да седи дома и да прима минимална плата, додека другиот работи. Тоа не е оправдано ниту од аспект на возачите ниту од аспект на превозниците – рече Муратовска.

Портпаролот на Европската комисија за внатрешни работи Маркус Ламерт вчера изјави дека ЕК е свесна за загриженоста што ја искажуваат транспортните оператори од Западниот Балкан и оти внимателно ја следи ситуацијата со блокадите на граничните премини и е во контакт со партнерите од регионот.

– Свесни сме дека голем број професионалци од трети земји може да имаат потреба да останат во Шенген зоната повеќе од 90 дена во рок од 180 дена. Ова ги вклучува професиите со висока мобилност, како што се возачите на камиони, но исто така и спортистите и уметниците. Тоа е исто така поврзано и со националните правила и постојните билатерални договори. Ова е прашање на кое сме целосно посветени и на кое работиме и размислуваме во контекст на подготовките на претстојната Визна стратегија, што ќе ја објавиме оваа недела, изјави Ламерт.

Тој повтори дека Системот за влез-излез (ЕЕС) не воведува никакви нови регулативи и никакви нови барања поврзани со должината на престој во Шенген зоната, туку само обезбедува подобра имплементација на постојните правила и систематско откривање на нерегуларни практики.

– Според Шенген правилата, граѓаните на земјите на кои не им е потребна виза за влез во ЕУ имаат право да останат во Шенген зоната 90 дена во период од 180 дена во која било држава. Надвор од ова, престојот мора да биде покриен со виза или со национални аранжмани, додаде Ламерт.

Според него, важно е да се напомене дека овие правила не се нови, туку важат со години подеднакво низ целата територија на Шенген зоната, како и дека тие веќе предвидуваат одредена флексибилност во однос на некои категории работници.

На последиците од блокадите и примената на новиот систем укажаа и стопанските комори и бизнис конфедерацијата на Македонија.

Би можело да ве интересира

Транспортерите утре на протест, ќе ги блокираат граничните премини

Николоски: Апелирам до ЕУ македонските превозници да бидат ослободени од новите правила за влез во шенген-зоната за да не трпиме економски штети

Катерина Ѓуровски

На „Табановце се чека до 40 минути, на „Богородица“ половина час

ВИДЕО: Гужви на Богородица и на Табановце

Катерина Ѓуровски

Гужва на Богородица, Дојран, Меџитлија и Табановце се чека и до 45 минути

Горан Наумовски

Албанија дозволува влез и со старите лични карти, на останатите премини само со нови документи