Денес, при редовната посета на г-динот Камчев, од страна на дел од неговиот правен тим повторно е констатирано она кое изминатите неколку недели се потврдува, дека здравствената состојба на г-динот Камчев е исклучително алармантна, континуирано се влошува и во КПУ Затвор Скопје нема соодветни услови за нејзино третирање, соопштија адвокатите на обвинетиот бизнисмен, преку службата за односи со јавност на неговата компанија, Орка холдинг.
„Јордан Камчев постојано има сериозна, силна главоболка , но во КПУ Затвор Скопје нема дежурен доктор за да го прегледа притвореникот. Се праќа медицинска сестра или медицински брат за проверка на состојбата. Првично, денес во текот на утрото г-динот Камчев имал многу сериозна главоболка и од затворскиот „медицински тим“ констатирано било дека има спојување на притисоците и дека има видливи отоци на лицето. Потоа, во 14.30 тој се чувствува многу лошо поради што прегледан е повторно во КПУ Затвор Скопје, констатиран е повторно споен притисок, 90 со 70“, се вели во соопштението.
„Предложено му е да биде однесен на Клиниката за Кардиологија, но тој одбил, бидејќи од претходното искуство кога е пренесуван смета дека е само дополнително малтретирање за него во состојбата во која што се наоѓа бидејќи и таму секако не ја добива соодветната терапија со која би се подобрила неговата состојба. Од затворскиот „медицински тим“ оваа негова состојба во КПУ Затвор Скопје ја третираат со сол и газирана вода. Сериозноста на здравствената состојба во која што моментално се наоѓа и несоодветното третирање претставува ризик директно по животот на г-динот Камчев“, велат адвокатите на Камчев.
„Од правен, но и етички и морален аспект, и нашиот клиент, г-динот Камчев и ние како правна одбрана во целост поддржуваме активности со кои би се докажала правдата, но апелираме на сериозна разумност кај Обвинителството и судиите и нивна рационалност при донесувањето на одлуките. Сметаме дека целта на мерката ефективен притвор која се применува не е директно да се загрозува здравјето и животот на еден човек“, се додава во соопштението.