И со гаранција, бизнисменот Орце Камчев не успеа да излезе од притвор кој го издржува во истражниот затвор „Скопје“. Апелациониот суд му ја потврди првостепената пресуда со која му се продолжи притворот за предметот „Плацови на Водно“. Според двата судови, постојат околности кои укажуваат дека Камчев може да се даде во бегство.
„Имаше жалба на решение со кое е продолжена мерката притвор. Потврдено е решението и не е потврдена гаранцијата“, кажаа од Апелација од „А1он“.
Од адвокатскиот тим на бизнисменот Орце Камчев, не одговорија на повикот од „А1он“. Засега, непознато е колкава гаранција понудил Камчев и од што се состои.
Претходно, средината на летото, Камчев понуди 1,8 милиони евра за да излезе на слобода. Таа се состоеше од имот и готови парични средства, но не беше прифатена.
Претходно, Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур го одби барањето на адвокатскиот тим на Орце Камчев, за на државата да и се изрече времена мерка со која бизнисменот ќе биде во домашен притвор и ќе му биде извршен медицински преглед.
Камчев е во притвор поради опасност од бегство и можност за влијание на сведоци веќе деветти месец. Тој е обвинет во случајот „Плацеви на Водно“ кој веќе се суди.