МАНУ ќе се залага да го задржи акронимот без да се преименува во Академија на науките на Северна Македонија, вели академик Владо Камбовски.
Според него, има простор за либерлано толкување на членот од Договорот кој се однесува на кодовите и придавките на државните институции.
„Кога ќе дојде време за имплеметација на Договорот, ние ќе се обидеме да дадеме доволно аргументи дека МАНУ, МНТ, Филхармонија, треба да ја задржат автономијата на употреба на терминот „македонски“. Точно, МАНУ има финансиска поддршка од државата, но се работи на реформи за деетатизација. Задржувањето на придавка нема да има штета за другата страна зашто тамошната Атинска академија не ја користи истата придавка“, порача Камбовски.
Академик Камбовски на реферат од 20-тина страници го изнесе својот став за Договорот со Грција, оценувајќи го како европски договор, кој не го загрозува идентитетот, јазикот и државјанството.
„Постигнатиот консензус околу новото име е компромис меѓу стравот и надежта на двете страни: задржано е името Македонија, со што не се загрозува идентитетот на македонскиот народ кој живее на нејзина територија, но додадена е географска одредница со која таа се разликува од северниот регион на Грција“, образложи Камбовски.
За него Договорот со Грција е добар пример и основа за склучување вакви договори и со другите соседени земји.
Неговите ставови не се заеднички и официјачни на цела МАНУ, туку научни на Центарот за стратегиски истражувања при академијата. Излагањата на Камбовски се во пресрет на утрешната научна расправа посветена на Договорот од Преспа.
Галена Николовска-Ризвановиќ