Постоењето на голем број правни лекови за спречување и забрана на дискриминација, неефективност на истите поради отсуство на систем на санкции, пасивен пристап на судството, како и потребата од подигање на јавната свест за заштита од дискриминација, се заклучоците од анализата спроведена од Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА).
Користејќи ја алатката за слободен пристап до информации од јавен карактер, оваа анализа со конкретните заклучоци и препораки има за цел да влијае врз релевантните институции кои се директно инволвирани во спречувањето и заштатата од дискриминација, додека пак дебатата организирана денеска имаше за цел да одговори околу прашањата колку постоечките механизми за заштита од дискриминацијата им овозможуваат на граѓаните да се заштитат од истата.
Иван Штерјоски од Центарот за правни истражувања и анализи, со жалење посочи дека во Македонија нема култура на почитување на човековите права која би им овозможила на граѓаните и на институциите да бидат заштитени без да постои соодветна правна рамка. Водејќи кон ексклузија, маргинализација и дехуманизација, дискриминацијата како глобален феномен има негативен ефект врз сите аспекти од животот на човекот.
„Во моментов постои посебен орган основан со ЗСЗД, Комисијата за заштита од дискриминација каде што граѓаните може да поднесат претставка, исто така можат да поднесат тужба за судска заштита пред надлежниот суд, може да се обратат до Народниот правобранител, или како последна инстанца до Уставниот суд“, објасни Штерјоски.
Комисијата за заштита од дискриминација од поднесените претставки во моментот за времето на спроведената анализа нема одлучено по ниту една претставка, односно никаде не е утврдено постоење на дискриминација, потенцираше адвокатката Јасна Аранѓеловиќ. Таа додаде дека за периодот на опфатен во анализата (од јануари до август 2012 година), според добиените податоци и во Основните судови нема поведено постапки, а во ниту една одлука од Уставниот суд не се констатирало дека постои дискриминација.
„Во моментов во Македонија нема пресуда со која е утврдено постоење на мобинг на работно место“, истакна Аранѓеловиќ, објаснувајќи дека согласно анализите на ЕУ, мобингот е рангиран на четврто место според ризици на работното место.
Штерјоски истакна дека и пред да биде донесен Законот за спречување и заштита од дискриминација (ЗСЗД) во 2010 година, постоела правна рамка односно која директно односно индиректно го штитела правото на еднаквост. По стапувањето на законот на сила, во 2011 година, сеуште не постои задоволителен напредок во заштитата од дискриминација, констатираше тој, додавајќи дека една од главните причини е големиот број на механизми кои што се достапни и кои ги збунуваат граѓаните жртви на дискриминација, кои не знаат каде попрво треба да се обратат.
Стравувањето на граѓаните од секундарна виктимизација од страна на судството, го истака Жарко Алексов од Центарот за правни истражувања и анализи, кој посочи дека најделотворна алатка за справувањето со дискриминацијата е стратешкото застапување на предмети.
„Тоа се оние случаи каде што со конкретни и испланирани акции не се цели само кон заштита на правата и слободите на граѓанинот, туку и кон промена во однесувањето на надлежните државни органи или промена во судската пракса“, објасни тој додавајќи дека овој вид на застапување треба да го елиминира главниот причинител за дискриминирачките состојби како и да превенира од такви ситуации во иднина.
Порачувајќи дека НВО секторот е најсоодветниот актер кој би се занимавал со оваа проблематика. Тој посочи дека граѓанскиот сектор има со своите можности за брзо мобилизирање, вмрежување и реакција, како и изградени капацитети за бесплатна правна помош и експертиза, стратешкото застапување е најсоодветниот алат а граѓанскиот сектор главен актер во спроведувањето.
Досега како дел од Акцијата против дискриминација на МЗМП, се водат 15 постапки пред надлежните инситуции од кои конечно се завршени 3.
Наташа Бошкова, од Коалиција Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници, ги презентираше трите препораки кои произлегуваат од анализата и нагласи дека тие се еден од најзначајните моменти на истата. Таа посочи дека се потребни измени на релевантните закони од областа на недискриминација, поостојана поддршка на системот за спречување и заштита од дискриминација од страна на државата, како и постојано градење на капацитетите на институциите кои се надлежни за спречување и заштита од дискриминација.
Темјана Поповска, Фото: Ванчо Џамбаски