Каевски: СДСМ ја номинираше Цветанка Иванова за претставник во работната група за измени на Уставот

Од:

СДСМ ја номинираше Цветанка Иванова за претставник во работната група за измени на Уставот, информира на денешната прес-конференција, Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ.

Иванова е дипломиран правник, има долгогодишно искуство, одличен познавач не само на Уставот и законите, туку, подвлече тој, и на собраниските процедури како пратеничка. Учествувала во значајни процеси и одлуки кои Собранието ги има донесено.

Каевски најави дека СДСМ активно ќе учествува во експертското тело кое го формира Министерството за правда. Тоа е државнички, потенцира, тоа е одговорно затоа што станува збор за процес од кој зависи членството во ЕУ, како врвен национален и државен интерес.

– Очекуваме преку отворен, транспарентен процес, да дојдеме до најдобриот македонски модел за уставни измени, кој ќе значи продолжување на европскиот пат.
Членството во Европската унија е врвен национален и државен интерес поставен уште од независноста. Денеска, или оваа 2023 година сме на чекор, на дофат на тој генерациски сон, на таа желба на сите наши граѓани, на оваа наша стратешка национална определба, изјави Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ, додавајќи оти никогаш во изминатите 30 години не сме биле толку блиску.

Наведе дека веќе почнавме преговори, со ЕУ. После 17 години во чекалната, минатата година ги започнавме преговорите, се одржа меѓувладина конференција, скринингот тече одлично и тој процес ќе финишира успешно.

Она што е особено важно за Македонците, нагласи, е што започнавме преговори со заштитен и признаен македонски јазик. Веќе е потпишан и првиот договор со ЕУ на македонски јазик без никакви додавки или фусноти.

– Сега е време да ја исполниме единствената обврска која нашата држава ја има согласно преговарачката рамка, усвоена од 27 земји членки на ЕУ, а тоа се уставните измени. Ова се важни одлуки за иднината на сегашните и идните генерации кои сакаат подобар животен стандард, врвни демократски институции и европски функционален систем во својата земја. Македонските граѓани сакаат да живеат во ЕУ, ама сакаат да живеат во ЕУ дома, а не да живеат во ЕУ во туѓина, рече на прес – конференцијата Каевски.

Обврска на сите политички партии, истакна, е да ги поддржат процесите за стратешките одлуки на држава, како што е членството во ЕУ а не тие да бидат предмет на дневнополитичка борба.

– За жал, граѓаните гледаат дека заложништвото на Христијан Мицкоски кон Димитар Апасиев и Левица си го направи своето. Мицкоски и Апасиев отворено се против ЕУ и европската иднина на државата и нејзините граѓани. СДСМ ќе се спротивстави на деструктивноста на оваа коалиција на хаосот. Како предводници на проевропската коалиција подготвени сме да направиме се за продолжување на патот кон Европа, изјави тој.

Каевски потенцира дека СДСМ ги повикува сите одговорни субјекти кои и мислат добро на државата, како што рече, да се приклучат на овој процес и заедно да обезбедиме европска иднина на државата.

Би можело да ве интересира

СДСМ: Орце Ѓорѓиевски ја уништи Кисела Вода, тој е избор на партиската олигархија на ДПМНЕ

Мицевски: Кандидати на СДС за градоначалници се фатени во непотизам, криминал и корупција, од купување на гласови до вработување на сопруги

Шукова: ВМРО-ДПМНЕ ја урна куповната моќ – граѓаните се борат за еден оброк, власта се луксузира

ЗНАМ: СДСМ се во длабока криза и прашање е нивниот опстанок после локалните избори

СДСМ: Максим Димитриевски измеќари кај Мицкоски за да се спаси од прогон

Кузеска: Мицкоски води теснопартиски интереси и слугува на туѓи држави