„Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи“ на општина Центар – Скопје остро реагира на деталниот урбанистички план (ДУП) во „Дебар Маало“ кој е донесен од претходното раководство на општина Центар и актуелната Влада.
ЈП ПОЦ смета дека доколку се спроведат ДУП –овите од 2011 и 2012 година во кои на местото на бараките на општина Центар е предвидена административна зграда, тој простор ќе се загуши бидејќи нема предвидено гаражен простор и капацитетот на возила за паркирање на тој паркинг ќе се надмине.
Исто така, ЈП Паркинзи на општина Центар апелира да се направи и мораториум на предвидената изградба на образовната институција на локацијата зад општинската зграда кај Градскиот парк која е планирана и преземена од ГУП –от донесен од Град Скопје, во 2012 година. На тоа место треба да се зачува и одржува зеленилото кое го краси овој простор и да се создадат услови за паркирање со изградба на еко монтажни гаражи кои ќе го решат проблемот со паркирањето и на жителите и на сите останати посетители на општината.
Доколку се остварат овие урбанистички планови наместо да се реши сообраќајниот хаос и да се зголемуваат зелените површини во тој дел на општината како што е желбата на старите дебармаалци, само ќе се постигне спротивното и градот уште еднаш ќе се загуши во сивило кое не го посакувааат ниту жителите на Центар, ниту граѓаните на Скопје“, се вели во соопштението на ЈП ПОЦ.