Јовески: Оценката изнесена во Извештајот на Стејт департментот е објективна

Од:

Последниот извештај на Стејт департментот за состојбата со човековите права во 2020 година, во кој во делот за Република Северна Македонија се нотира пречекорување на роковите за истраги, била тема на денешниот онлајн состанок на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески со јавните обвинители на јавните обвинителства во Република Северна Македонија.

Јавниот обвинител Јовески од јавните обвинителства во државава, како што e наведено во соопштението од ЈОРСМ, побарал да направат увид во предметите во кои е детектирано продолжување или пречекорување на роковите за истрага со цел да се утврдат причините за тоа, како и можностите за надминување. Според Јовески, оценката изнесена во Извештајот на Стејт департментот е недвојбено објективна, а бројните предизвици со кои се соочуваат обвинителите во работата не смеат да бидат оправдување за пролонгирање на постапките.

-Апелирам на одговорност, совесност и чесност со цел враќање на угледот во професијата. Тоа можеме да го направиме само со ефикасност на постапките, истакна Јовески.

Тој побара од сите обвинители да вложат максимални напори за поефикасно гонење на криминалот, а соработката со Министерството за внатрешни работи и со другите институции да се унапреди и да се одржува на високо професионално ниво.

-Современиот вид на криминал обвинителството не може самостојно да го истражува, неопходна е меѓуинституционална соработка, истакна Јовески.

Токму соработката со другите институции, покрај актуелната епидемиолошка состојба во државата, беше наведена како клучен елемент за долгото траење на одредени истражни постапки. Обвинителите се соочуваат со проблеми заради долготрајни вештачења од определени институции, како и со непочитување на законските рокови од одредени институции за достава на бараните податоци. Исто така долготрајна е и постапката на меѓународна правна помош, која е неопходна за обезбедување докази во определени предмети.

За да се надминат овие проблеми, јавниот обвинител на Република Северна Македонија, како што е наведено во соопштението, ќе иницира средби со надлежните институции од кои ќе побара нивно екипирање и навремена достава на податоците неопходни во истрагата. Дополнително, од членовите во работната група за претстојните измени на Законот за кривична постапка од редовите на Јавното обвинителство беше побарано да го дадат својот максимум со цел во новите законски одредби да се надминат проблемите и недостатоците кои во моментов придонесуваат за долготрајност на постапките.​

Би можело да ве интересира

Висока корупција, предрасуди кон ЛГБТИ лицата и закани кон новинари бележи Вашингтон во новиот извештај за Македонија

Жарко Настоски

Петровска: Извештајот на Стејт Департментот е потврда за посветеноста во борбата против корупцијата и криминалот

ВМРО-ДПМНЕ: Стејт Департментот потврди влијание врз судството и притисок врз новинарите од власта на Заев

Катерина Павлова-Николовска

ЗНМ: Според извештајот на Стејт Департмент одговорот на властите за заштита на новинарите е бавен и неефикасен

Политико: Руски хакери осомничени за кибер напад врз Стејт департментот во минатата година

Ана Ололовска

Стејт департментот за состојбата со човековите права во Бугарија: Властите преземаат чекори, но недоволно, неказнивоста е проблем

Ана Ололовска