Државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, за „А1он“ ги демантира пишувањата на италијанскиот весник „Ла Верита“ дека се сретнал со обвинителот Наум Пановски, кој наводно го известил дека преку Заев добил наредба од Русковска да ги одблокира парите на Меѓународниот сојуз на Боки 13.
„Парите биле блокирани од крајот на 2017 до мај 2018 година“. Јовески демантира дека имал разговор и се сретнал со обвинителот Наум за предметот.
„Испитувањето на средствата го вршеле Управата за финансиско разузнавање, Управата за финансиска полиција за јавниот обвинител кој постапувал по предметот. Ни временски ни фактографски нема вистина во пишувањето на „Ла Верита“, вели Јовески.
Според Јовески, во периодот за којшто пишува весникот Русковска не била раководител на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
-Тоа е чиста шпекулација затоа што во тој период ниту Русковска била раководител на Обвинителствотото за гонење на организиран криминал и корупција, ниту пак има вистина во тоа кој и како се јавувал и за што се јавувал, изјави Јовески.
„Ла Верита“ во написот на новинарот Ларис Гајсер објави дека „притворањето на Фросина Ременски делува како битна амортизација со која премиерот Зоран Заев се обидува уште еднаш да се спаси од кривична одговорност“.
-За време на нашето истражување добивме потврда дека Управата за финансиско разузнавање (УФР), сомневајќи се на некои незаконски дејства при трансакцијата на парите на Силјан Мицевски, го замрзнала плаќањето од 750.000 евра извршено во корист на Лилјана Тодоровска. Почитувајќи ги легалните процедури, УФР за потенцијалното кривично дело уредно го известило Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, на чие чело е обвинителката Вилма Русковска. Таа тогаш го имала целото право да определи притвор на неопределено време и да почне истрага“, напиша италијанскиот весник.