„Благодарение на неодговорните економски политики, задолжувањето стана омилена алатка во рацете на актуелната Влада за задоволување на нивното непродуктивно трошење на народните пари“, рече Зоран Јовановски, потпретседател на СДСМ.
Ако во Македонија принципот беше „задолжување за иднината“, што подразбираше заеми за инфраструктурни инвестиции, капитални објекти од кои корист ќе имаат сите идни генерации, сега принципот кој го промовира оваа Влада е „задолжување за луксузирање“.
Никој не добива објаснување на што се трошат парите од скапите кредити. Стана секојдневие, образложението на министерството за финансии да биде општо дека задолжувањето е „за буџетски потреби“.
Ваквите лаконски образложенија на актуелната Влада, упатуваат дека парите од скапите заеми се трошат меѓу другото и за рекламни кампањи, споменици, жални врби, мебел, опрема, возила и редица на други луксузирања.
Ваквото неодговорно задолжување мора да престане.
Македонија веќе нема време за губење.
Груевски има лошо портфолио. Кога тој си замина од министерството за финансии во 2002 година, зад себе остави дупка во буџетот од цели 5,6 % од БДП.
Потребни беа години домаќинско однесување за да се закрпи дупката оставена од Груевски.
Само за споредба буџетскиот дефицит за сите четири години вкупно, кога СДСМ ја предводеше Владата, е четири пати помал од буџетската дупка што ја остави Груевски само во последната година од неговото министерување.
Нам ни е познат стилот на Груевски и затоа ние ќе сториме сè за да спречиме Македонија повторно да губи неколку години за да го крпи тоа што премиерот има намера да го остави зад себе.
Затоа нервозата кај власта во врска со задолжување е огромна.
Очигледно е дека власта 50-те милиони долари од Светска Банка си ги планираше за зголемување на конкурентноста на ВМРО-ДПМНЕ на изборите во март догодина, а не за подобрување на конкурентноста на македонската економија.