Педесет и пет пати сум носен во болница. Пред малигнитет сум. Ве замолувам, не си играјте со мојот живот, изјави денеска пред судот Бојан Јовановски, првообвинет за случајот „Рекет“.
Тој вели дека за неговата состојба се потребни посебни хигиенско диететски услови кои ги нема во истражниот затвор во Шутка.
Судијката на ова рече дека постапуваат по неговото барање и дека ќе биде одобрено на 4 февруари да изврши интервентен зафат.
Неговиот адвокат Сашо Дукоски вели дека тој зафат не е примарен колку што е примарно неговиот клиент да престојува во посебни хигиенски услови.
„Доколку се случи нешто со Бојан Јовановски, јавно кажувам, многу лица ќе бидат опфатени со кривични пријави. Кој, како сака нека го сфати тоа. Ова е изживување. Пред неколку дена повторно му се земани примероци од улцерот, односно од неколкуте здебелени чирови и пратени се на хистологија да се утврди дали станува збор за карцином. Сите лекари се сложни дека истиот треба да биде на строг хигиено-диететски режим, а вие објаснете ми како може да се спроведе во затворот „Скопје“ во Шутка. Станува збор за класична дискриминација. Ниту една пресуда на Европскиот суд за човекови права во Стразбург ова не го дозволува“, вели Дукоски.