Потпретседателот на СДСМ, Зоран Јовановски упати отворено писмо до Трајко Вељаноски, Претседател во Собранието, во врска со соопштението за јавност испратено од кабинетот на Вељаноски, за Предлог Буџетот за 2013 година.
Во продолжение интегрален текст од писмото:
Господине Вељаноски,
Пред два дена, од вашиот Кабинет со соопштение се обративте до јавноста и директно до пратеникот од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Марјанчо Николов, со укажувања околу работата на собраниската Комисија за финансирање и буџет, со која тој претседава. Ваше право и должност е, како Претседател на Собранието на Република Македонија, да комуницирате со пратениците. За начинот на кој тоа го правите, вклучително и за тоа кои активности во собранието ви пречат а кои не, во друга прилика.
Во оваа прилика сакам да се задржам на нешто друго. Во вашето обраќање до пратеникот Николов, според она што го пренесоа медиумите, вие во два наврати ме спомнувате мене, што е многу чудно, бидејќи јас не сум пратеник во Собранието. Во врска со ова спомнување сакам да ви посочам неколку работи.
Прво, во врска со “изјавите во медиумите на Николов околу можното недонесување на Буџетот на Република Македонија за 2013 година и временото финансирање на државата во наредната година“ велите дека “слична изјава“ сум дал и јас. Јас одговорив на новинарско прашање поставено на прес-конференција, кое гласеше “Што ќе се случи доколку буџетот не биде донесен во законскиот рок, односно до 31 декември 2012 година?.
Второ, според медиумите, вие велите дека во мојата изјава “може да се забележи непознавање на постапката за носење на Буџетот“. За ваша информација, во мојот одговор на поставеното прашање јас ја презентирам содржината на соодветното законско решение, во конкретниот случај, став 1 од членот 32 од Законот за буџетите, прикажан на интернет страницата на Министерството за финансии. Законот вели: “Во случај кога Буџетот на Република Македонија за наредната година не е донесен до 31 декември во тековната година, Министерството за финансии одобрува користење на средства месечно најмногу до една третина од вкупните извршени расходи во првиот квартал од претходната фискална година најдоцна до 31 март, имајќи ги предвид готовинските текови…“ Она што јас го кажав е следното: “Во однос на она што ме прашавте, што би се случило ако не се донесе буџетот, тука законските обврски се многу прецизни. Ако буџетот не се донесе до 31 декември, Министерството би можело да одобри месечно најмногу до една третина од парите коишто биле трошени во првото тримесечје од претходната година“. Каде гледате вие тука разлика, господине Вељаноски, помеѓу кажаното и законот? Според тоа, ако вие господине Вељаноски, во мојот одговор, кој упатува на соодветното законско решение, гледате “одредено непознавање на проблематиката“, и тоа не е така, тогаш соопштението од вашиот Кабинет може да биде само показател на вашето непознавање на проблематиката.
Трето, според медиумите, вие во соопштението од вашиот Кабинет велите дека “Донесувањето на така значаен акт како што е Буџетот на Република Македонија никогаш не бил и не смее да биде заложник на политика на условување и пазарење по секоја цена која ја промовира Јовановски“. Ова е тотално неточна, срамна изјава. На мојата прес конференција јас реков дека “Она што можете да го видите е дека таа Комисија (се мисли на Комисијата за финансирање и буџет) работи со полна пареа, таму се разговараат суштински работи, се дискутираат амандмани, ниту некој чита книги, ниту некој молчи… Меѓутоа, Комисијата работи, 31 декември е далеку, можеби власта треба да посвети повеќе внимание на амандманите на опозицијата.“ Каде видовте вие, господине Вељаноски, “политика на условување и пазарење …“ во она што јас го кажав на мојата прес конференција? Не ни можевте да видите, бидејќи такво нешто нема.
Во однос на вашиот интерес за државниот буџет, дали ви е незгодно што како прв човек на Собранието, сеуште не сте ја исполниле законската обврска кон пратениците за исплата на патни трошоци, и тоа за повеќе од 100 седници. Сте се запрашале ли зошто е тоа така? Ви значи ли тоа нешто?
Кога Претседателот на Собранието, највисокиот законодавен дом, ќе се стави себеси во улога неосновано и неаргументирано да навредува некого, без претходно да ги провери информациите, тогаш тоа не е само негов личен срам, туку срам за институцијата и срам за граѓаните на Република Македонија. Вие господине Вељаноски, сте само уште една причина зошто во оваа наша Македонија работите мора од корен да се променат.
Зоран Јовановски
Потпретседател, Социјалдемократски сојуз на Македонија