Министерството за правда се уште нема добиено мислење од Венецијанската комисија за уставните измени. Нивниот став, како што изјави денеска на прес-конференција министерот за правда Аднан Јашари, ќе се дознае на 9-ти септември, за кога е најавена посета на претседателот и членови на Венецијанската комисија на Македонија.
– Засега нема мислење од Венецијанската комисија во однос на уставните измени. За тоа ќе бидеме информирани на 9-ти септември кога претседателот и членовите на Венецијанската комисија ќе дојдат во Македонија, рече Јашари и додаде дека средбата која ќе ја оствари со нив биде фокусирана токму на уставните измени.
Според Јашари, редовна пракса е да се побара мислење од органите на Европската унија не само за уставните измени, туку и за сите битни закони кои на некој начин треба да бидат усогласени со преораките на ЕУ.
Владата до Собранието на Република Македонија во јули достави предлог измена на Уставот со седум нацрт амандмани, кои предвидуваат дефинирање на бракот како заедница на маж и жена, како и дефинирање на вонбрачната заедница, измени во составот на Судскиот совет, формирање финансиска зона, менување на името на НБРМ во Банка на Република Македонија, регулирање на фискалната политика во делот на висината на јавниот долг, Државниот завод за ревизија да биде независен орган избран од Собранието, менување на надлежноста на Уставниот суд, односно Судот да може да ослучува по уставната жална за човекови права, како и за одлуките на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.
Собранието на Република Македонија на 27-ми август ги утврди нацртите на седумте амандмани на Уставот. По изгласувањето во Собранието нацрт – амандамните одат на триесетдневна јавна дисксуија, по која Владата повторно до Собранието на РМ треба да достави предлог-амандмани во кои би биле вградени забелешки од дискусијата. Се очекува целата постапка за носење на уставните амандмани да заврши до крајот на октомври.