Проверка на имотот на политичарите, зголемени плати и пензии и шанси за младите, вети денеска во Ранковце носителот на кандидатската листа во Третата изборна единица на коалицијата „Обнова за Македонија“, Игор Јанушев.
Обвинувајќи ги СДСМ за погубни политики, криминал и корупција, Јанушев рече дека во изборната програма, ВМРО-ДПМНЕ нуди 20 проценти зголемување на пензиите, 25 проценти повисоки плати, намалување на невработеноста под 10 проценти, 640 милиони евра за земјоделците, нула данок за младите вработени до 29 години…
– Македонскиот народ три години сведочи на безброј лаги, манипулации, криминал, корупција и уцени. Впрочем, тоа е се што СДСМ остави за народот во овие три години, истакна Јанушев.
Додаде дека СДСМ е криминална партија која една година наназад не сака да се усвои закон со кој ќе се утврди потеклото на имотот на политичарите.
Најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе работи макотрпно да го врати, како што рече, достоинството на народот.
– Се обврзуваме да работиме чесно и посветено за секој еден граѓанин на Република Македонија. Секој да ги почувствува бенефитите и придобивките од проектите од изборната програма, рече Јанушев.