Јанкулоска во Даблин се сретна со бугарскиот министер Цветанов

Од:

Соработката меѓу министерствата за внатрешни работи на Македонија и Бугарија на сите нивоа е исклучително добра, оценија македонската министерка Гордана Јанкулоска и нејзиниот бугарски колега Цветан Цветанов на билатерната средба што се одржа во Даблин.

На средбата одржана синоќа на маргините на неформалниот состанок на министрите за внатрешни работи и за правда на земјите членки и кандидати за членство на ЕУ, двајцата министри изразиле подготвеност за натамошно продлабочување и интензивирање на соработката.

Од страна на министерката Јанкулоска било нагласено дека Македонија, како кандидат за членство во ЕУ и со препораки за отпочнување пристапни преговори веќе четврта година по ред го искористила овој период за интензивни подготовки за членство при што воспоставени се стабилни институционални структури, механизми за координација, како и солиден напредок во усогласувањето со законодавството на ЕУ.

Притоа е потенцирано дека особено значаен напредок е постигнат во Поглавјето 24 – Правда, слобода и безбедност и затоа отпочнувањето преговори за овие две поглавја ќе донесе уште поголеми резултати во блиска иднина, особено во насока на поддршка на владеењето на правото за добросостојбата на сите граѓани. Истовремено во рамки на ова поглавје постигнато е високо ниво на усогласување со законодавството на ЕУ, што било забележано во последниот извештај за напредок, каде што се наведува дека Македонија има остварено добар напредок.

Двајцата министри исто така констатирале дека генерално забележан е значителен развој во рамки на Високиот дијалог за пристапување, што обезбедува поддршка за процесот на пристапување на земјата.

На средбата, како што информира МВР, нотирана е и значајната поддршка што Бугарија и ја дава на Македонија за задржување на визната либерализација.

Двајцата министри истакнале дека сите отворени прашања во регионот може да се решат со конструктивност во духот на европската соработка и добрососедството.

Министерката Јанкулоска иницирала и конкретен предлог за натамошна соработка по примерот на веќе воспоставените и функционални истражни полициски тимови со Австрија и Германија, што може да биде од корист особено во поглед на борбата против прекуграничниот криминал.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Петардите не се играчка, оставаат последици и строго се забранети, предупредува МВР

Прекршочна постапка против градоначалникот на Струга за неупотреба на државното знаме

Систем „Безбеден град“: Излезот кон Тетово и Пластичарска – најризични делници во главниот град

А1он

Пријава за Џејла Рамовиќ, настапувала без дозвола во клуб во кичевско

СДСМ: Зошто МВР на Тошковски дозволило да се случи концертот на Аца Лукас

Од 15 ноември задолжителна е зимска опрема, потсетува МВР