Република Македонија е рангирана во групата држави кои што целосно ги исполнуваат стандардите за борба против трговијата со луѓе со што е дел од 31 земја заедно со САД, Велика Британија, Австралија, Австрија, Финска, Франција, Германија од вкупно 187 држави во светот во најновиот глобален извештај на американскиот Стејт департмент кој ја оценува глобалната состојба во борбата против ова „современо ропство“.
Ова го изјави денеска министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска на заедничката прес-конференција во МВР со министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и заменик амбасадорот на САД во Македонија Брајан Агелер по повод синоќа објавениот Извештај на американскиот Стејт департмент посветен на трговијата со луѓе за 2012 година.
– Рангирањето на Република Македонија во најновиот Извештај на Стејт департментот за 2012 година во групата ТИЕР-1 држави претставува уште едно значајно постигнување за земјата и уште една јасна потврда за нашиот континуиран ангажман и посветеност во справувањето со овој облик на организиран криминал. Особено голема статисфакција за нас е фактот што во Извештајот прецизно се нотира дека Владата го одржува своето енергично гонење за прекршителите кои работат со трговија со луѓе вклучително и јавни службеници поврзани со трговијата со луѓе, рече Јанкуловска.
Таа притоа посочи дека минатата година кривично се пријавени и осудени и службени лица од министерствата за внатрешни работи и за правда за кривични дела поврзани со трговијата со луѓе.
– Морам да истакнам дека ние заедно со Словенија сме единствените земји во ТИЕР 1 групата од поширокиот балкански регион, односно единствена држава од земјите кандидати за членство која еве со години по ред е рангирана рамо до рамо со најразвиените западни држави. За разлика од нас, земји кои се членки на ЕУ како Романија, Грција и Бугарија се рангирани во втората група на држави односно ТИЕР 2 земји кои нецелосно ги исполнуваат минималните стандарди во борбата против трговијата со луѓе, рече Јанкуловска.
Таа посочи дека воопшто не е случајна и незаслужена оценката на Стејт департментот за нашата ефективност и ефикасност во борбата против трговијата со луѓе.
– Македонската полиција минатата година евидентираше четири кривични дела, трговија со луѓе при што кривично се пријавени седум случаи, а во еден од нив жртва е и малолетно лице. На сите идентификувани жртви им е пружена и правна здравствена и психосоцијална помош, рече министерката за внатрешни работи.
Заменик амбасадорот Агелер и честита на Македонија што уште еднаш го постигна статусот од прв степен против трговијата со луѓе.
– Ова достигнување ги покажува заложбите на Владата на Македонија против овој ужасен криминал. САД се среќни што Македонија е партнер во кампањата за спречување на трговијата со луѓе и се надева на натамошна соработка и за други прашања од витално значење за владеење на правото, рече Агелер.
Тој потенцира дека од клучно значење за ефективна борба против трговијата со луѓе била соработката и координацијата на МВР со Министерството за труд и социјална политика, како и нивната соработка со невладиниот сектор.
Според проценките 20 милиони луѓе годишно се жртви на трговија со луѓе. Македонија и во овој најнов Извештај е препознаена како земја извор, транзит и дестинација на деца, жени и мажи кои се жртви на трговија заради сексуално искористување или присилна работа.