Дијалогот е единствениот начин да се дојде до прифатливо решение за сите граѓани на општина Струга за надминување на проблемот со изградбата на црква во Октиси, истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, по денешната посета на Полициската станица во Струга.
Јанкулоска посочи дека ги разгледале сите информации со кои располага полицијата, а се релевантни за нивното работење.
– Во однос на овој настан преземани се низа чекори за надминување на состојбата низ дијалог, бидејќи дијалогот е единствен начин да се дојде до решение кое ќе биде прифатливо за сите граѓани на општина Струга. Сепак, Струга е мултиетничка средина и ние мора да ги искористиме сите средства за мирно и достоинствено разрешување на оваа ситуација, која несомнено претставува едно од прашањата кои предизвикуваат најголемо внимание, изјави министерката за внатрешни работи.
Со раководството на СВР Охрид и на Полициската станица од Струга, покрај ова, како што рече, во моментов најактуелно и најнеизбежно прашање, биле разгледани и други актуелните безбедносни прашања на подрачјето на оваа полициска станица.